Повторната смрт на Мартин Нешкоски


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

На 6 јуни 2011 година тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по убедливата победа на нејзината партија на предвремените парламентарни избори, излезе на прес-конференција за да се пофали дека земјава имала беспрекорно мирен изборен ден. И, кога тогашната власт мислеше дека е непобедлива и тивко го планираше медиумското апсење на политичкиот противник Љубе Бошкоски, плановите се срушија со едно новинарско прашање. Млада новинарка го предизвика целото внимание кога ја праша министерката за мртво момче што било најдено на паркингот пред МЕПСО. Министерката, опиена од победата, ноншалантно ја упати новинарката да пријави во полиција доколку има некакви информации.

Но, како што констатираше и нејзиниот портпарол Иво Котевски, го потценија настанот. Смртта на момчето ја крена јавноста на нозе, а мистериозноста за тоа како починало само ги подгреваше шпекулациите. По неколку часа, истиот ден Министерството пак организираше прес-конференција за да информира за апсењето на Бошкоски, но одговор за мртвото момче уште немаше. По два дена неизвесност, за смртта на момчето беше уапсен, а потоа и осуден припадникот на специјалната единица „Тигар“, Игор Спасов, но освен Спасов, кој вечерта на 5 јуни 2011 година ја обезбедувал партиската прослава и стоел рамо до рамо со премиерот, никој друг не понесе одговорност. Ниту командна ниту политичка. Зборовите на Спасов „Ако ви треба обвинет, тука сум, стојам пред вас, но ако барате виновник, не гледајте во мене“ што ги кажа на едно од судењата што се водеа против него ги оставија да висат во воздух прашањата кој стои зад убиството.

Четири години потоа, тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев објави дел од прислушуваните разговори што ги водел врвот на Министерството за внатрешни работи, но и тогашниот премиер. Овие разговори за некои ги потврдија сомневањата, а за некои открија дека убиството на Мартин Нешкоски го криел најблискиот телохранител на Груевски, Дејан Митровски-Урко. „Ги лажел како Циган“ и Јанкулоска и Груевски и цел политички врв. Власта, пак, со сите сили се обидувала да се оправда пред јавноста и да даде објаснување што барал Спасов, со усна наредба од Урко, да стои покрај премиерот и да го обезбедува митингот.

Четири години по објавувањето на овие „бомби“, објавена е нова „бомба“, односно целиот разговор што тогаш го воделе Груевски и Јанкулоска. И додека власта тогаш се криеше и го притискаше Урко да им каже што точно се случило и кој го убил Мартин Нешкоски, сега премиерот Груевски очајно вика од Будимпешта дека се открила вистината за Мартин Нешкоски. Дека Заев ја исекол снимката и ги прикажал во најлошо светло за да предизвика емоции кај народот. Заев, пак, се брани дека објавиле сè што имале. Сепак, и да било исечено најлошото од нивните разговори, остануваат аргументите дека „Урковци“ дејствувале во МВР како параструктура. Спасов, кој требало да биде на службена должност во Куманово, дошол во Скопје, на повик од Урко. Иако Груевски му дал отказ три години претходно, по самитот во Букурешт, Урко си ги викнал другарчињата да слават победа.

„Како може специјалец со усна наредба да оди на работа“, зачудено се прашува и тогашната министерка. Оваа нејзина констатација само потврдува дека системот не функционирал, па ниту Груевски ниту Јанкулоска не можеле да ги стават под контрола набилданите другарчиња на Урко. А, Урко својата моќ најверојатно ја црпеше од моќта на човекот чија сенка беше 15 години. Груевски го тргна Урко од своја близина, но ја тргна од бизнисот и неговата агенција за обезбедување „Лупус“, а приматот го презеде агенцијата СГС, која се поврзуваше со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Неговото име остана запечатено со сообраќајката што се случи во Кисела Вода, кога Урко со „бе-ем-ве“ прегази млад мотоциклист, кој почина по неколку дена. Сепак, Урко пак се спаси и доби условна казна. А, се спаси и неговиот шеф, кој е најгласен од Будимпешта. Последната „бомба“ не ја откри вистината за Мартин Нешкоски, туку смртта на Мартин Нешкоски ѝ ги отвори очите на јавноста за монструозноста на минатата власт.