Посветеност и искрена желба


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Денес сè уште не постои ни приближно точен и прифатлив универзален одговор за тоа како и кога една земја може да тргне по патот на одржлив економски раст што доведува до економски развој и во одреден разумен период ќе обезбедува длабоки структурни промени во економската структура и квалитативно ново и повисоко ниво на одржлив животен стандард на населението. Одговорите на овие прашања се многубројни, често и спротивставени, врзани со конкретен простор и време и секако – многу сложени. Тие се теоретски, но и практични. Примери во светот има многу и тие не случајно се проучуваат со големо внимание. Спротивните примери се исто така многу и тие веројатно не привлекуваат големо внимание, но доведуваат стотици милиони, па и милијарди луѓе во состојба да во нивните држави и економии се променат и неколку човечки генерации без да успеат да направат некој сериозен исчекор од нивната релативно лоша и статична економска состојба и животен стандард.

Научниците постојано трагаат по позитивните примери во разни периоди и на разни страни на светот за да утврдат барем нешто заедничко за успешните што може да се искористи во некој друг период и на некоја друга страна на светот, но, за жал, во тоа многу ретко и слабо успеваат.

Секако дека прашањето на развојот не е ни толку нејасно како што навидум изгледа. После неполн еден век од неговото директното и посветено изучување и истражување на неговите проблеми, науката, пред сè економската, даде некои прифатливи и поопшти, теоретски одговори за неговите цели, причините за појавата на развојните процеси, теоретските модели, факторите, можните стратегии и економските, развојните и општествените политики за негово остварување. Можеби најдалеку се стигна во неговото мерење, иако и за тоа постојат многу недоразбирања па дури и директно спротивставени концепции и сфаќања. Сите овие достигнувања денес, помалку или повеќе, се достапни во науката и стојат на располагање на оние што од нив можат да направат нешто конкретно и прифатливо.

Еден од можеби денес не толку поучните, но секако добри примери што дадоа соодветни резултати е економијата на нашата поранешна држава, која во периодот од почетокот на 50-тите па сè до средината на 70-тите години од минатиот век успеа да оствари релативно високи и континуирани стапки на економски раст, да ја смени структурата на економијата кон индустриска со развиени услужни дејности и со релативно современи перформанси за тоа време, како и да овозможи постојан раст на животниот стандард и условите за живот на најголемиот дел од населението. Се разбира дека такви примери има насекаде во светот, но тие не се чести и се далеку од вообичаени. Во оваа пригода нема да се набројуваат и објаснуваат кои се тие, но постои неподелено мислење дека еден дел од нив се наоѓаат на азискиот брег од Тихиот океан.

Развојните процеси во последниве неколку децении добиваат многу различни и недоволно истражени форми и заради постоењето на некои понови феномени, како што се брзо растечката економска и друга глобализација, пропаста на големата идеја за државното, а не пазарно насочување на економијата како општ критериум и секако, забрзувањето на структурните промени поттикнати од широката промена на придобивките од четвртата, дигитална, технолошка револуција.

Еден од повеќето интересни примери на економии во светот со релативно брз и одржлив (барем засега) раст во последниве 1,5-2 децении и за економија што прави брзи развојни продори е една од оние земји за кои пред 3-4 децении никој во светот тоа не се осмелуваше да го очекува. Станува збор за Виетнам, земја која во светот, за жал, сè уште е еден од симболите за современите крвави војни и идеолошко-политички поделби. Но колкумина знаеме дека, на пример, во последниве осум години (2011-2018) просечната стапка на раст на економијата е над импресивните 6 отсто и дека таа никогаш не била под 5,4 отсто во една година? Растот во 2018 година, на пример, беше 7,1 отсто. Тоа што е најважно е што статистиката покажува дека околу 3/4 од растот на економијата го обезбедуваат новите индустриски и услужните сектори, наспроти општото, очигледно погрешно и застарено уверување дека Виетнам е претежно земјоделска земја со палмини и оризови полиња. ММФ оценува дека ваквиот брз раст и напредок, покрај другото, се должи на „екстензивните пазарни реформи од 1986 година наваму и стриктната посветеност на макроекономската стабилност“.

Ваквите перформанси не се постигнати со превисоко и опасно проширување на дефицитите на општиот буџет што се во границите до 3 отсто од БДП ниту, пак, со преголем раст на јавниот долг што сега е под нивото од незгодните 60 отсто од БДП. Во моментов тој е опаѓачки и се чини одржлив и прифатлив на нивото од околу 55 отсто на крајот од 2018 година. Владите на Виетнам долго време беа определени посветено да го развиваат приватниот сектор и денес земјата со гордост може да соопшти дека има „раст предводен од приватниот сектор“ во услови на постојано „подобрување на деловната клима“ од страна на државните институции и владата.

Нешто што веројатно е многу важно, а што може да биде поучно и за други, особено за нас, е фактот, но и перцепцијата дека власта одлучно се бори против корупцијата во својата земја. Нешто што воопшто не е дел од класичната економска политика, но што дава одлични резултати кога се создава економија што се потпира на приватниот сектор и пазарните механизми. Една студија на повеќе светски признаени институти, меѓу кои и институтот „Брукингс“, а која се занимава со проучувањето на ефектите од борбата против корупцијата го издвојува Виетнам како земја со мерливо позитивни перформанси во однос на земјите со висок, среден и низок доход и земјите од азиско-пацифичкиот регион.

Ваквите перформанси Виетнам ги постигнува во услови на многубројна популација од 97,5 милиони жители и кога прирастот на населението сè уште не е во големо опаѓање, но сепак невработеноста веќе цела деценија е под 2 отсто, што практично значи дека таа не постои. Сепак, Виетнам се развива и штеди. Стапката на бруто-штедењето во економијата е околу 35-36 отсто од БДП, што значи дека Виетнам се развива, произведува, но и многу штеди, односно сè уште е во зоната на големи откажувања од сопствената финална потрошувачка.

Што произведува и извезува Виетнам штом успева вака добро да ја води својата економија, својот раст и развој кон патот на прогресот? Одговорот може да дојде и во вид на прашање. Колку често ни се случило да купиме некој високотехнолошки производ од ИКТ-секторот и на него да го пишува фамозното „Manufactured in Vietnam“? Често. Компјутери, екрани, мобилни телефони, ЛЕД-телевизори и друго од најреномираните компании се само дел од извозните производи на оваа земја.

На крајот, што може да научиме од оваа далечна и многу различна земја? Многу. За почеток можеме да сфатиме дека треба да бидеме посветени на иднината на својата земја и да правиме сè што во иднина ќе биде добро за неа, да ја сакаме, а не да ја крадеме и да научиме да поднесуваме одредени „жртви“ за подобра иднина. Тоа не е воопшто тешко доколку навистина се сака и се има желба.