После Газа

Откако ќе замолчат пушките и ќе се избројат мртвите, политичките лидери ќе имаат должност да ја обноват потрагата по мир. Очигледно, емоциите од сите страни се сурови. Но, мора да се запрашаме дали е можно – и што би било потребно – 2023 година да биде почеток на нов мировен процес, нова 1993 година


Газа сега е во опасност да потоне во нов пекол. Нема оправдување за злобниот напад на Хамас врз Израел, во кој загинаа околу 1.600 луѓе, од кои многу невини цивили, ниту за неговото земање заложници. Светот со право го потврдува правото на Израел да се брани.

Но, ние, исто така, мора да размислиме како дојдовме овде, и дали сè уште постои остварлив пат кон регионалниот мир и стабилност и за Израелците и за Палестинците. Иако е рано во оваа последна војна, ние имаме должност да размислиме низ различните сценарија.

По координираниот ненадеен напад на Сирија и Египет против Израел пред точно 50 години пред тоа, во октомври 1973 година, Израел зјапаше во можноста за пораз. Но, Израелците на крајот ги свртеа масите и излегоа како победници, создавајќи услови за постепен процес за ставање крај на непријателствата во регионот.

Откако беше постигнат мир меѓу Израел и двајца негови соседи, прво Египет, а потоа Јордан, секој можеше да се сврти кон прашањето за Палестинците кои живееја под израелска окупација од 1967 година. За таа цел, Договорот од Осло од 1993-1995 година создаде можност за иднина во која палестинската држава ќе постои мирно заедно со Израел, при што двете држави дури и ќе го делат Ерусалим како нивна заедничка престолнина.

Меѓутоа, трагично, двете децении дипломатски напредок по војната на Јом Кипур беа проследени со тридецениска регресија. Силите кои се спротивставија на помирувањето и мирниот компромис добија предност од двете страни. Палестинските фундаменталисти од Хамас и сродните организации станаа посилни, а израелските зилоти ги проширија своите нелегални населби на окупираната земја што требаше да стане територија на идната палестинска држава. Заедно, фанатиците од двете страни го уништија мостот што го изгради Договорот од Осло.

Но и меѓународната заедница сноси одговорност за овој неуспех. Европската унија и САД беа премногу поделени и расеани за сериозно да се вклучат во одржлив мировен процес. На сите им беше полесно едноставно да заборават на палестинското прашање. Дури и пред нападот на 7 октомври, не остана речиси ништо од она што го создаде Осло.

Засега сите ќе покажуваат со прст. Илегалните израелски населби продолжија да се прошируваат, воспоставувајќи систем на де факто апартхејд на Западниот Брег, а палестинската управа загуби секаков кредибилитет. Помладите Палестинци очајуваат за својата иднина, а некои заклучија дека насилството е единствениот одговор.

Неодамнешните Абрахамски договори, кои го отворија патот за нормализација на дипломатските односи меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, несомнено беа позитивен развој. Но, беше грешка да се верува дека палестинското прашање може да се остави настрана. Тоа закономерно ќе се појавеше повторно порано или подоцна, а со ужасниот терористички напад на Хамас, сега се појави.

Вниманието на светот е разбирливо насочено кон наведената намера на Израел да го искорени Хамас. Наскоро ќе бидеме сведоци на масовна израелска вооружена операција за уништување на раководството и инфраструктурата на групата во густо населениот Појас Газа. Но, што ќе дојде откако ќе се постигне таа цел? Дали Израел повторно ќе воспостави директна контрола врз Газа што е уништена? Дали ќе им дозволи на стотиците илјади раселени Палестинци да се вратат во своите домови? Или едноставно ќе се повлече и ќе ризикува да дозволи да се вкорени нова закана за нејзината безбедност? Никој не знае, бидејќи нема вистинско решение. На денешниот Блиски Исток, изолираната Газа секогаш ќе биде проблем, без разлика кој се обидува да управува со неа.

Откако ќе замолчат пушките и ќе се избројат мртвите, политичките лидери ќе имаат должност да ја обноват потрагата по мир. Очигледно, емоциите од сите страни се сурови. Но, мора да се запрашаме дали е можно – и што би било потребно – 2023 година да биде почеток на нов мировен процес, нова 1993 година.

Сигурно, ситуацијата денес е многу поинаква, бидејќи позициите се стврднати на двете страни. Но, добра почетна точка би била враќањето на основните принципи на Арапската мировна иницијатива од 2002 година. Предлогот, во кој Саудиска Арабија го презеде водството, беше да се понуди дипломатска нормализација со Израел во замена за ставање крај на окупацијата и давање нова иднина на Палестинците. По една генерација на неуспех, можеби ќе се појават нови лидери – од двете страни – за да се вратат во оваа рамка.

Како и секогаш, ѓаволот ќе биде во деталите. Но, секој мировен процес мора да започне со признавање на основните принципи и мора да биде вграден во поголем меѓународен контекст кој ги вклучува големите сили како што се САД, ЕУ, а можеби сега и Кина. Засега, ова е само сон. Но, без таква визија, најдоброто што може да се постигне е пауза до следната трагедија.

Ужасите се кријат во текот на деновите и неделите што следат. Додека тенковите почнуваат да се тркалаат во Газа, може само да се надеваме дека војната ќе се води на таков начин што нема да ја уништи можноста за мир во иднина. Почитувањето на меѓународното право, особено меѓународното хуманитарно право, е најважно. Тоа е темелот врз кој може да се изгради мирна иднина.

Некогаш, овие земји ја всадиле во човештвото надежта за рај. Не смееме да дозволиме да потонат во пеколот. Ова се црни денови. Поважно е од кога и да е да се запали светлината на надежта.

(Карл Билт беше министер за надворешни работи на Шведска од 2006 до 1014 и премиер од 1991 до 1994 кога Шведска преговараше за членство во ЕУ. Тој е меѓународно широко почитуван дипломат. Беше копретседавач на Дејтонската мировна конференција. Сега е копретседавач на Европскиот совет за надворешни работи. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)