Посилна партијност, послаба моралност!

Партијноста пројавува тенденција и успева да се извиши над сите други идентитети и да стане врховен арбитар и врховна морална власт


Насловот веројатно ќе ги изиритира партијците, членовите и симпатизерите или трендовски речено, фановите на политичките партии. А и нека! Време е да им се каже дека претераа. Па колку пати сум се изиритирал од нивните омаловажувања на непартијците, независните и неопределените. И не само омаловажувања туку и отворени третирања како „пријатели на непријателот“.

Но! Не ми е целта да кажам дека партијците, за разлика од непартијците се неморални со сета своја личност. Не. Сакам да кажам дека моралноста на партијците е обратнопропорционална на степенот на нивната партиска лојалност. Колку посилна партијноста толку послаба моралноста.

Личностите на луѓето се органски и реални целини, а партиите се парчиња, делчиња од една политички замислена целина наречена општество. Моралната слабост на партијноста не произлегува од самата парцијалност на партиите туку нивната тенденцијата да ги надвишат и подведат под свое сите други следбеништва и идентитети на луѓето.

Како личности партијците, како и сите други, се следбеници истовремено на повеќе различни групи и идеи, а не само на нивните партии. Нивната партиска припадност не ја исцрпува нивната личност. Тоа значи дека како сите други така и партијците имаат повекекратни идентитети. А имајќи ја предвид социолошката природа на партиското содружништво и следбеништво или на партискиот идентитет знаеме дека тој не го апсорбира во целост личниот интегритет. Дури и најзакоравените врмровци, или сдсмовци, на пример, се луѓе. Покрај тоа, тие може по националност да се Македонци, со или без бугарски пасош, со или без крштеница итн. Тие, исто така, иако врмовци или сдсмовци се мажи, жени или нешто трето, се студенти или работници, сопственици или вработени, селани или граѓани итн.

Значи, иако тие како партијци се меѓусебно жестоко антагонизирани, сепак, имаат многу повеќе заеднички елементи – националност, професија, полов род, резиденцијален статус, возраст, положба на пазарот и многу други општествено и историски важни припадности и идентитети. Секоја од нив носи одреден комплет од морални норми. И, уште поважно, повеќето од споменатите идентитети, во нормални околности се морално и, според тоа човечки, посупериорни од партискиот морал и идентитет.

Прашањето е зошто во дадените околности како денес кај нас, се случува обратното. Партијноста пројавува тенденција и успева да се извиши над сите други идентитети и да стане врховен арбитар и врховна морална власт. Како резултат на тоа настанува една деморализирачка општествена состојба – опишана со толку често искажуваната констатација дека „денес нема морал“. Всушност, се вели дека денес нема друг критериум за моралноста освен политичкиот, поточно партискиот. Тоа значи дека, под влијание на партизацијата се поништила автономијата на моралните норми и ориентации. Тие не опстојуваат како такви туку само како партиски издренирани норми и ориентации за тоа што е национален интерес, што е демократија што е или што не мешање на извршната во судската власт или што е или не е корупција, непотизам, судир на интереси и слично. Што е морално од гледна точка на партијата тоа е морално за целината – pars pro toto. Таква е состојбата.

Но, според моето разбирање на динамиката на општествените промени, ова е само времена тенденција. Таа е силна и многу многу ризична. Сепак, токму во нејзината заканувачки разорна сила лежи и нејзината негација. Колку полошо, толку подобро. Партиите ќе бидат проголтани од силите што ги покренаа самите тие. Луѓето не можат да водат достоинствен човечки живот без морални темели. А партиските норми и критериуми се далеку од тоа да го заземат нивното место. Загрозувањето на моралните темели на заедничкиот живот нужно наидува на отпор. Засега тој е само отпор кон експанзионистичките и монополизирачки амбиции на партиите. Но, ќе дојде време кога отпорот ќе се артикулира низ повици за враќање на моралните темели на општествениот живот, на моралните доблести.

Актуелните парламентарни пазарења ја покажуваат сета неморалност на партиските математики. Макијавелистичкиот морал кој го промовираат тесните партиски ложи во акција се поголем број граѓани го разбираат како конспирација против остатокот од нацијата.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)