Посетата на Кирил Петков е одење по жица

Во списокот на предлози што го прочита вчера бугарскиот претседател Радев историјата воопшто не се ни споменува, како ни говорот на омразата. Дури ни експлицитно барање Бугарите да влезат во македонскиот Устав


Не е прашање кога ќе се случи одложената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје (поради изолацијата во која се наоѓа по позитивниот ковид-тест на претседателот на собранието), туку дали од неа може да се очекува работите да се поместат од мртвата точка во која се наоѓаат односите меѓу двете земји. Ако се суди по вчерашниот состанок на Советот за национална безбедност кај претседателот Румен Радев многу работи на прв поглед може да изгледаат како Петков да добил стара рамка за разговорите во Скопје. Нештата, сепак, се различни.

Самата должина на разговорите – дури пет часа – кај Радев (како да е во прашање капитален европски геополитички проблем) на одреден начин сугерира дека работите за Петков и неговата нова надворешна политика не изгледаат онака како што тој замислуваше, но дека, сепак, не е е отфрлен неговиот нов пристап. Петков по тој состанок не даде изјава за новинарите, за разлика од други учесници.

Човекот кој го создаде целиот проблем, поранешниот премиер Бојко Борисов, денеска изјави дека „претседателот Радев му одзеде секаква можност за маневар на премиерот Кирил Петков“ и дека Радев се однесува како да е „горен дом на парламентот“. И уште дека средбата кај Радев била непотребна.

Можеби е така од негово гледиште, иако Борисов треба да се запраша зошто неговата влада беше иницијатор за Рамковната позиција усвоена во бугарското собрание при постоечкиот Договор за добрососедство.

Јасно е дека Радев сака сѐ уште да ги држи конците околу решавањето на проблемот со Македонија или да го заштити од таа тешка хипотека новиот премиер додека не ја оствари посетата на Македонија. На вчерашната средба во неговиот кабинет беа  претставници на сите парламентарни партии, а Радев го користи тоа што Петков, иако има стабилно мнозинство во парламентот, поради идеолошки многу разноликата владина коалиција, всушност нема голема можност да спроведува политики кои имаат либерален призвук. Меѓу нив и во надворешната политика. Весникот „Сега“ оценувајќи ја новата бугарска влада напиша: „Во пракса ова не е влада на Кирил Петков, ова е длабоко поделен кабинет во кој никој нема право да се меша во туѓи работи. Три недели по формирањето, владата се обидува да ја потврди тезата дека коалицијата се заснова на идејата за партиски феудализирани министерства“.

Во тој длабоко поделен кабинет министерка за надворешни работи е кадар на Има таков народ, чиј лидер Слави Трифонов пред некој ден со неговата објава на Фејсбук крена многу врева и во која тврдеше дека „Северномакедонците треба да си ги признаат  историските бугарски корени. Тоа не подлежи на дискусија“. Другиот партнер  во коалицијата, Бугарската социјалистичка партија, има дури и потврдокорен став од Трифонов околу Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик.

Поводот за посетата на Петков на Скопје е убав – 30 години од признавањето на независноста на Македонија од страна на Бугарија (прва земја што го направи тоа). Но ако поводот е убав, последиците може да бидат многу грди. Ако Софија толку многу се удира в гради дека прва ја признала Македонија, тогаш изгледа парадоксално да го спречува напредокот на земјава кон ЕУ. И да се залага Албанија да оди напред, а Македонија да стои – додека не се исполнат барањата на Бугарија.

Претседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, по состанокот лаконски изјави дека „веста е – дека нема вест. Бугарската позиција останува иста. Позицијата е јасна, конзистентна и обединета“.

Радев во изјавата (по која немаше прашања) го стави под сомнение ентузијазмот за новиот пристап на премиерот Кирил Петков, но сепак во списокот што го прочита има многу работи за кои се залага новата влада. Интересно е, на пример, дека го нема условот Бугарите да влезат во македонскиот Устав, туку само правата на граѓаните во Македонија што се чувствуваат како Бугари. Иако Радев во изјавата рече дека Бугарите треба да бидат впишани во уставот. „За Бугарите во Северна Македонија и нивните права не може да се преговара“, рече Радев, но таква работа немаше во списокот што го прочита.

Историјата воопшто не се ни споменува во него, како ни говорот на омразата, бугарските споменици од минатите војни, ниту пак таблите за „бугарскиот фашистички окупатор“.

Кои се точките од списокот што го прочита Радев:

1)Во водењето на надворешната политика да се почитува националната позиција на Бугарија од 2019 година; 2) Давањето согласност за почеток на преговорите не треба да биде врзано со рокови, туку со резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари; 3) Да се работи на спроведување на договорот во текот на преговорите за членство; 4) Кабинетот да подготви и обезбеди кадар за акциски план во сите области на односите со Северна Македонија; 5) Кабинетот да предложи формирање работни групи во области во согласност со договорот; 6) Кабинетот да преземе мерки за изградба на Коридорот 8 заедно со Северна Македонија и Албанија – автопат, железница, енергетско и дигитално поврзување; и 7) Парламентот да ѝ предложи на Северна Македонија „структуриран дијалог“ меѓу парламентарните комисии на двата законодавни дома.

Двете влади очигледно одат по жица за да не паднат во националистичка бездна. Мандатарот Димитар Ковачевски го споменува проблемот, но кусо се реферира на почитување на декларацијата усвоена во македонското Собрание за јазикот и идентитетот и вели дека очекува да изгради пријателски односи со Петков.

Но во тоа одење по жица има и други актери. Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека ќе прими делегации на две македонски здруженија од Бугарија, ОМО „Илинден-Пирин“ и ОМО „Илинден“, на нивно барање. Во барањето за средба (којашто ќе се одржи во најбрз можен рок, вели Пендаровски) тие ја споменуваат средбата на Радев со претставници на бугарските здруженија во Македонија (и една партија). Судот во Стразбур донесе 16 пресуди во корист на двете македонски здруженија, но ниту една од нив Софија досега не ги спровела. Тоа може, но и не мора, да ја напрегне ситуацијата.

Како и да е, „прозорец на можности“ (како што велат политичарите) постои. Дали Кирил Петков ќе погледне убаво низ него, а Димитар Ковачевски ќе помогне во расчистувањето на хоризонтот, уште не јасно. Во секој случај, и двајцата ги чека голема националистичка врева.