Поранешниот директор на црногорската АНБ осуден на пет години затвор


Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на Црна Гора, Дејан Перуничиќ, е осуден на пет години затвор поради наредба за незаконско прислушување и следење на поранешни лидери на опозицијата, новинари и црковни великодостојници од крајот на 2019 до изборите во август 2020 година, јавува агенцијата Бета.

Оперативецот на тајната служба, Срѓа Павиќевиќ, е осуден на една година и четири месеци затвор поради незаконско снимање и следење по усмени наредби на поранешниот шеф на АНБ. Во текот на судската постапка јавноста беше исклучена.

Перуничиќ е осуден бидејќи во периодот од декември 2019 до август 2020 година, противправно ја искористил својата службена положба и овластувањата како директор на АНБ.

Спротивно на Законот за АНБ и без одобрение од претседателот на Врховниот суд на Црна Гора, тој на непознати службеници на Агенцијата им издавал усмени наредби за примена на надзор врз електронските комуникации за одредени телефонски броеви.

Со тоа потешко ги повредил нивните права на почитување на приватниот и семејниот живот, гарантирани со Европската конвенција за човекови права и со Уставот на Црна Гора, се наведува во официјалното соопштение на Вишиот суд во Подгорица.