Популистички легалисти


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Не можам да се изначудам како судија и обвинител, кои се прикажуваа како легалисти и доследни почитувачи на законот, кои одмерија драконски казни правораздавајќи, сега оправдуваат непочитување и кршење на законот

 

Лесно е да бидеш добар, тешко е да бидеш праведен – многу одамна кажал и запишал еден филозоф. Честопати правдата на човека му паѓа многу потешко отколку неправдата, што правораздавањето го прави тежок и сложен процес во кој единствено словото на законот и негово доследно почитување е гаранција за еднаквост пред законот и правна сигурност. Само доследно почитување на законот од правораздавателите и сите оние кои го применуваат е онаа тенка црвена линија помеѓу хаосот, самоволието и нееднаквоста наспроти еднаквоста, законитоста и правната сигурност. Доследно почитување на законот гарантира еднаквост и оневозможува привилегии, отстапки за поединци, различно и самоволно применување на законот и негово искривување и изопачување.

Многупати е повторено, а тоа и праксата го докажала, дека секое непочитување на закон или несанкционирање на неговото прекршување ја отвара пандорината кутија и вратата кон хаосот. Секое отстапување од примена на законот, без оглед од колку добра и благородна побуда, ја урнисува правната држава и правниот поредок и создава една чудна состојба на комотност и очекувања дека законот и правдата можат да се одбегнат со врски, партиска или роднинска припадност или со мито. Селективноста и нееднаквоста пред законот создава чувство на правна несигурност, анархија, урнисување и недоверба во правниот систем.

Во минатото, а и денес, кршењата на Уставот и законот се правдаат со повисоки и благородни цели, со солидарност, хуманост, европските и НАТО аспирации. Тоа е само изговор кој создава беззаконие и само привидно служи за повисоки и благородни цели, а води кон селективност во примена на законот, нееднаквост, несигурност и овозможување на дискрециски права кои ги немаат највисоките функционери. Во историјата многу војни, прогони и чистки се спроведени токму заради некои повисоки цели, многу крв е пролеана и изгубени човечки животи во име на некои благородни цели, а секогаш зад сето тоа стоеле политички и економски цели на мала група на луѓе кои сметале дека се над законот.

Изговорот дека законот не чини па затоа не се применува, или делумно се применува, е само изговор и вовед во самоволие и беззаконие. Секогаш законот кој нечини може во предвидена законска процедура да се смени, но тоа ретко се прави или речиси никогаш, затоа што непочитувањето на законот е заради индивидуални или тесно партиски потреби кои едно повеќепартиско Собрание не може да ги озакони.
Нашите суверени во текот на целиот овој период на самостојност, особено челниците на извршната власт, а не ретко и оние во претседателската фотелја (чест на исклучоците), сметаат дека се над законот, дека можат по сопствена желба и потреба да ги почитуваат или да не ги почитуваат законите и во кој обем, дека можат со лажно прикажување дека се работи за повисоки цели да носат одлуки спротивни и на Уставот и на законот и да ги избришат уставните граници помеѓу извршната, судската и правосудна власт. Сето тоа се прави со леснотија од неколку причини.

Со децении државата е партизирана и претворена во инструмент и феудален посед на партијата која е на власт. Челниците на тие партии не стигнале на чело на тие партии со труд, знаење и успех, туку со лактање, отстранување на противниците и додворување на претходниот челник властелин. Не е ни за очекување дека таквиот партиски кадар, произлезен од партиско лактање и додворување со огромен багаж на услуги и ветувања на својата тајфа во партијата, ќе биде засегнат и заинтересиран за доброто на државата и народот, за доследна примена на законот и Уставот и за човечките и граѓанските права. Неодговорноста и неказнивоста на високите функционери само погодува на ваквото однесување и начин на работење и владеење што нѐ води кон вториот неопходен услов или веќе пракса во нашата држава, а тоа е контрола на извршната власт над судството и правосудството. Ниту еден функционер до сега, и покрај вербалните заложби, не ја тргнал раката од судството вршејќи влијание на изборот, разрешувањето, напредувањето, платите и другите привилегии. Токму затоа за првите луѓе во судството и обвинителството се бираат мимикрии, клиентелистички и морални без’рбетници кои се во симбиотичка заедница со претходниве. Токму таа симбиотичка заедница која функционира по принципот јас тебе, ти мене, е гаранција и основ за недопирливоста на функционерите, нивната неказнивоста и можноста да бидат над законот.

Не е за потценување ниту улогата, а тоа е еден од условите за самоволно и своеволно владеење, на медиумите кои се неопходни да ја „протнат“ и прокламираат повисоката и благородна цел поради која „мора“ и е „нужно“ да се прекрши законот. Милион пати повторена лага станува за поголемиот број луѓе вистина и почнува лајкување, спинување, глупирање и хејтање на Фејсбук и другите социјални мрежи.

Не е чудно што политичарите лажат, тоа го прават и пред да дојдат на власт, ветувајќи на изборите мед и млеко, не е чудо ни што голем број од луѓето ќе ја „голтнат“ приказната, ама не можам да се изначудам како судија и обвинител, кои се прикажуваа како легалисти и доследни почитувачи на законот, кои одмерија драконски казни правораздавајќи, сега оправдуваат непочитување и кршење на законот. Или сега ја покажуваат симбиотичката заедница.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)