„Полубожеството“ слезе на земјата. Ѓоковиќ, сепак, е само човек


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Поразите во Токио се голема траума за Новак Ѓоковиќ. Особено по огромниот притисок дека ништо освен злато од Токио не е вредно. Случајот на големата гимнастичарка Симон Бејлс покажува дека глорификациите стануваат неподнослив психички притисок

 

Секако дека двата порази во два дена на Олимпијадата во Токио за Новак Ѓоковиќ се многу болни. И тоа ужасно болни. (Заедно со тој во мешани двојки, тоа беа три порази.) Тие беа болни не само за него, туку и за големите армии негови навивачи, кои очекува дека Србинот на некој начин лесно ќе го освои толку посакуваното злато на едни Олимписки игри. Ѓоковиќ е толку доминанатен во тенисот оваа година (собено по неговата спектакуларна победа над архи-ривалот Рафаел Надал во полуфиналето на Ролан Гарос), што особено во регионов (да не зборуваме за неговата Србија) веќе беше третиран како некое „полубожество“. Кое во однос на другите земски играчи е за неколку нивоа погоре.

Ништо не може да му надомести на Ѓоковиќ што не успеа да донесе барем еден медал од Токио. Сигурно тоа е неговата најголема тага. Ако може да има некаква утеха за него и неговите навивачи, е фактот што тој спозна дека сепак е само човек и дека во спортот, и во оној најврвниот, има многу победи, но има и по некој пораз. Но проблемот настанува кога поразот доаѓа тогаш кога најмалку посакувате.

Вчера, по поразот во најбрзата истрчана трка на 100 метри за жени во историјата, феноменалната Јамајчанка Шели-Ен Фрејзер-Прајс, ги најде можеби вистинските зборови како се чувствува еден спортист кога ќе биде победен: „Секако дека сте разочарани. Целта на спортистот е секогаш да победува, но тоа не се случи вечерва“. И да, токму тоа е спортот. Или како што рече Александар Зверев по победата во полуфиналето над неговиот голем пријател Ѓоковиќ: „Не може да се освои сѐ“.

Тоа е навистина така. Но лошо е кога тебе ти се случува.

По неверојатната доминација од Австралија опен наваму врз Ѓоковиќ беше наметната една толку голема пресија, особено во медиумите во неговата земја, дека во Токио ништо не може да се случи освен златниот медал. Дури и западниот печат беше преполн со глорификации. Се публикуваа текстови под наслови како „Сите го сакаат Новак“ (алузија на многу популарната серија „Сите го сакаат Рејмонд“) во кои се пишуваше дека Новак Ѓоковиќ е вистинска ѕвезда во Олимпиското село. Се цитираа зборовите на Боливиецот Хуго Делиен, кој загуби од Новак во првото коло: „Ова е сон за мене. Сакам да се сеќавам цел живот дека играв против тебе“ и му ја побара на Србинот маицата за спомен. Во Олимпиското село кога некои спортисти ќе го видеа бараа да направат селфи со големиот шампион. Некои се интересираа да дознаат тајни од него за начинот на кој победува. „Многу се интересираа да дознаат од каде ја наоѓам мојата ментална сила и како да се справуваш со притисокот, кои се техниките и начините да возвратиш ако го загубиш твојот фокус во моментот додека настапуваш“, им кажуваше Новак на новинарите.

Тоа беше интересен контрапункт на многуте дискусии за популарноста на Ѓоковиќ. И покрај неговиот некогаш неконтролиран гнев на теренот тој е приемчлив надвор од него, и во многу нешта спротивен на неговите ривали Рафаел Надал и Роже Федерер. По триумфот на Ролан Гарос и Вимблдон тој заработи вистински и општ респект за спортските достигнувања.

Дали тоа му го одвлече вниманието од настаните што треба да се случуваат на теренот? Можеби. Додека тој беше третиран како вистинска огромна ѕвезда меѓу спротистите, неговите тениски колеги кроеја други планови за олимписка слава. Зверев играше толку совршено во полуфиналето што Ѓоковиќ немаше шанса за победа. Иако имаше еден сет предност и брејк во вториот за после од 11 гема да освои само еден. Беше речиси несфатливо дека тоа може да му се случи на Новак. Или во борбата за бронза Шпанецот Пабло Карењо Буста да остане посмирен и поконцентриран во текот на целиот меч, а особено во неговите клучни фази.

Новак Ѓоковиќ по поразот од Пабло Карењо Буста во мечот за бронзениот медал

Ѓоковиќ по поразот од Зверев изјави дека се чувствува „ужасно… ужасен ден, не знам што да кажам, мојата игра се распадна против Зверев“. По поразот од Карењо Буста тој им се извини на сите што им предизвикал толку големо разочарување, но како и Фрејзер-Прајс, сакаше да гледа повеќе кон иднината и покрај поразот: „Не гледам крај на кариерата. Олимписки игри, Дејвис Куп, Гренд Слем, АТП Куп. Тоа најмногу ме инспирира да продолжам“.

За Ѓоковиќ тоа беше мачно потсетување на дебаклот од Олимписките игри во Рио 2016 година, кога во бразилскиот град дојде овенчан со иста слава. Со победата на Ролан Гарос тој врза победи на четири грен слема по ред, за да загуби од Сем Квери во третото коло на Вимблдон. Но и во Рио беше пречекан со сличната слава на светски тенисер број 1 како и во Токио. И таму му се случи шок – изгуби уште во првото коло од Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро во два сета. Дел Потро само што се врати на теренот по две години пазуа поради повреди. Ѓоковиќ тогаш го напушти теренот целиот во солзи, велејќи дека „ова е еден од најтешките порази во мојата кариера“.

И тогаш поразот беше неочекуван, како и овие од Зверев и Карењо Буста. Но сега притисокот врз него и огромните очекувања беа уште посилни. Во тоа кумство најголем удел имаа медиумите. Во една неверојатна ситуација новинарите по натпреварот дури го прашаа Зверев дали му е жал што го победи Новак, бидејќи имаше шанса да го освои „златниот слем“ (четири грен-слема и олимписко злато во една година). Зверев беше фрапиран од прашањето и одговори: „Само што го победив и вие ме прашувате за тоа?!“

Ова враќање во земската нормалност, во секој случај, е многу добра работа за него (секако, пропуштената шанса да се освои е огромна траума). Сосем е веројатно дека со сегашната игра и посветеност тој ќе биде рекордер по освоени грен-слемови и мастерси и дека конечно ќе ја затвори, барем засега, приказната кој е најдобар тенисер на сите времиња.

Но неговите порази отвораат уште една темна страница за притисокот кој се прави врз врвните спортисти. Американската гимнастичарка Симон Бејлс допатува во Токио како една од трите најголеми спортски ѕвезди на днешницата. Бејлс освои четири златни медали на Олимпијадата во Рио. Од неа се очекуваа уште четири злата во Токио. Но во еден вчудовидувачки потег таа се повлече од националниот тим во натпреварот во повеќебој, а потоа од натпреварите во уште две поединечни дисциплини – во прескок и двовисински разбој. Психолошкиот притисок што го вршеа сите врз неа, а и самата врз себе за успех по секоја цена, целосно ја поткопа.

Во петокот Бајлс објави видео видео од нејзиниот тренинг тоа утро во кое се прикажа дека таа лошо се движи во воздухот и паѓа на меките душеци. „За секој што вели дека се откажав, не се откажав, мојот ум и тело едноставно не се синхронизирани како што можете да видите овде. Мислам дека не сфаќате колку е опасно ова на тешка/натпреварувачка површина. Ниту, пак, морам да објаснувам зошто здравјето го ставам на прво место. Физичкото здравје е ментално здравје“, напиша таа.

Огромниот притисок имаше влијание и врз големата тенисерка Наоми Осака, која го запали и олимпискиот оган. Таа загуби уште на почетокот на натпреварите. Пред Ролан Гарос Осака проговори за психичкото здравје и огромниот притисок што се врши врз спортистите. Објави бојкот кон медиумите и кога беше предупредена од организаторите дека ќе биде исфрлена сама го напушти грен-слемот во Париз.

Одлуката на Бејлс предизвика вистински шок во јавноста, но доби поддршка од спортистите во Олимпиското село, кои велат дека менталниот притисок врз нив толку многу се зголемува што веќе станува неиздржливо. Во времето на Надја Команечи и Олга Корбут беа само весниците и телевизиите, но сега она што го прават социјалните мрежи ги претвора спортистите да се однесуваат како гладијатори – ништо не е важно освен големиот успех. Неуспехот не е вреден за ништо.

Врвните спортисти денес се и огромни ѕвезди. Новак Ѓоковиќ го помина прагот од спортист до планетарна ѕвезда во која се подјадува неговата спортска супстанца. Па оваа спортска катастрофа во Токио е дел од таа негова трансформација. Не би требало да има никакво сомневање дека тој ќе им се врати на неговите спортски алгоритми – она што перфектно и вонсериски го знае за да ја избегне замката да биде дел од нечија друга игра, а не својата.