Полска официјално одби да го игра мундијалскиот бараж во Русија


Полската фудбалска репрезентација нема да го одигра мундијалскиот бараж против Русија на крајот на март во Москва, објави денеска претседателот на Фудбалската федерација на Полска, Цезар Кулеша.

Русија треба да и биде домаќин на Полска на 24 март, во првиот бараж натпревар за пласман на Мундијалот во Катар, а во случај на победа Русите повторно во Москва во финалето би го пречекале победникот од дуелот меѓу Чешка и Шведска.

Шведската федерација во четвртокот, по повод руската инвазија на Украина, соопшти дека пат за Москва и дуел против Русија “во овој момент е незамисливо“.

– Полската репрезентација нема да патува за Москва и нема да игра против Русија по повод сè што се случува изминатите денови, односно инвазијата, која таа земја ја насочи кон Украина. Тоа е единствената исправна одлука во овој момент. Ние ќе разговараме со раководствата на шведскиот и чешкиот сојуз и ќе изнесеме заеднички планови пред ФИФА, изјави Кулеша.