Политиката бара асистенција од здравствените власти за изборите


Во случај изборите да се одржат на 28 јуни новиот собраниски состав би се конституирал околу 18 јули. Според тоа, Северна Македонија, најверојатно, ќе заокружи најмалку пет месеци без функционален парламент

На 16 мај, кога се очекува да заврши вонредната состојба, ќе се заокружат точно три месеци од распуштањето на парламентот, наспроти уставно предвидените максимум  60 дена за одржување предвремени избори

 

Решението на Уставниот суд да не покрене постапка за оценување на Одлуката за распуштање на парламентот не смени ништо суштински во однос на  моментално мошне комплицираната ситуација од правен и политички аспект во земјава, како последица од здравствената криза и изборите што беа распишани пред нејзиното избувнување. Сепак, оваа одлука на судиите барем ја расчисти дилемата дека претстојното гласање треба да се реализира во предвремен рок, односно деке не може да се чекаат родовните термин што би почнале да течат од почетокот на есента.

Потегот на Уставниот суд значи уште една потврда дека распуштањето на парламентот е завршена работа, така што секое понатамошно одложување на изборниот процес, особено ако кон средината на месецов земјата излезе од вонредната состојба, ќе отвори уште многу нови дилеми од типот кој да ја контролира извршната власт или како да се нормираат одредени решенија во ситуација кога ни владата веќе нема да може да носи уредби со законска сила…

Судот, всушност, ја врати топката за изборите во политичкиот двор, каде што, пак, се бара „асистенција“ од здравствените власти, односно од Комисијата за заразни болести, при утврдувањето на новиот термин за избори, согласно со тоа како ќе се развива епидемијата со корона вирусот во земјава, односно дали и натаму ќе се  зголемува бројот на излекувани и ќе се  намалува на бројот на новозаразени.

До 12 април, кога се очекува да се одржи новата лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, има уште пет дена, како период во кој би имале почиста ситуација во однос на трендовите за развој на заразата, од што првично ќе зависи дали евентуално ќе продолжи вонредната состојба, што засега се чини малку веројатно. Откако ќе заврши вонредната состојба, согласно со Уредбата на владата за изборниот процес, треба да продолжат изборните дејствија, според ревидиран роковник што ќе го усвои ДИК.

Иако од моментот на запирање на изборите, на 22 март, до првичниот изборен термин – 12 април имаше 20 дена, претседателот на ДИК Оливер Деркоски сега настапува со проценки дека ќе бидат потребни околу 50 дена за спроведување на изборите, за кои веќе се утврдени и кандидатските листи за пратеници и редоследот на партиите на избирачкото ливче, иако од друга страна извесно е дека ќе се наметне потреба повторно да се ажурира избирачкиот список.

На 16 мај, кога би требало да заврши вонредната состојба, ќе се заокружат точно три месеци од распуштањето на парламентот, наспроти уставно предвидените максимум 60 дена за одржување предвремени избори. Сепак, Деркоски посочува дека, откако ќе биде определен новиот изборен датум, изборните рокови треба да почнат од почеток.  Тој оценува дека на ДИК ќе ѝ бидат потребни од 50 до 60 дена за да ги организира изборите, и тоа во ситуација на епидемија, кога може да се очекува намален одѕив поради страв од зараза.

Под претпоставка делумно да се прифатат позициите на Деркоски, така што веќе од 17 мај би почнале да течат новите рокови за спроведување на изборните дејствија, останува можноста изборите да се одржат на крајот на следниот месец. Тоа би значело на 28 јуни, иако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се залага што побрзо да се реализира гласањето (по можност уште на 14 јуни), со цел консолидирање на институциите пред очекуваните економски последици од здравствената криза и евентуалниот нов бран на Ковид-19 наесен.

Во случај изборите да се одржат на 28 јуни новиот собраниски состав би се конституирал околу 18 јули. Според тоа, Северна Македонија, најверојатно, ќе заокружи најмалку пет месеци без функционален парламент. Во случај, пак изборите и натаму да се пролонгираат, тој период би бил уште подолг, што ќе значи и понатамошно продолжување на мандатот на техничката влада, која беше избрана на 3 јануари.

И покрај тоа, од ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат неофицијални информации дека би им одговарале избори во септември, додека партискиот лидер Христијан Мицкоски, во интервјуто за ТВ24 изјави дека во првата половина на јули можеби би се создале услови за одржување избоори. Мицкоски, исто така, се повика на ставот на Деркоски, кој е поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, дека се потребни нови барем 50 дена за спроведување на изборните дејствија.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, изјави синоќа за Канал 5 дека опозицијата е подготвена за избори, ама, како што посочи, избори би требало да има кога здравствените власти ќе соопштат дека пандемијата е стивната. Сличен е ставот на владејачката ДУИ, од каде што вчера презентираа два услови за одржување на изборите: Комисијата за заразни болести да каже дека таков процес нема да го загрози здравје на граѓаните и гласањето да го следат странски набљудувачи. (Н.В.)