Политичкото воајерство без мерка


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Неопходно е ерата на „бомбите“ и на службите да заврши, а со нив да се занимаваат само институциите, бидејќи тие што се пласираат сега не помагаат ни за пандемијата, ни за економијата, ни за образованието, ни за секојдневието

 

Иако се искажаа стотици проценки дека по епидемијата со корона вирусот ништо веќе нема да биде исто, требаше само да се споменат избори, па Македонија да ги демантира сите светски умови и аналитичари. Веќе една недела пукаат „бомби“ како огномети со кои, и пред да се донесе одлуката за избори, почнаа валканите политички игри чија цел е политичко истребување на ривалите.

Некој наводно пцуел, некој наводно лажел, некој наводно крадел, сите пуштаат нелегални снимки – а нема ниту една тужба, обвинение или процес. Кратко кажано, за само една недела откако почнавме да веруваме дека одиме кон нормалност и ги намалуваме рестриктивните мерки, коса ни се крена од првите сигнали што нѐ чека таму и од сознанието дека ништо не сме научиле од овој кризен период.

Најнапред „бомбите“ покажаа практики што на сите ни се познати, а никој не прави нешто да се сменат. Главната е дека партиите наголемо работат со политичкото подземје кое, пак, судејќи по примерот со Зоран Милески – Кичеец, нема политичка боја, и за добар кеш или услуга одработува за сите.

Втората „нормалност“ е дека од избори до избори политичките партии толку го спуштија нивото на обвинувањата што ги одвраќаат од гласање тие на кои мислат да влијаат со „бомбите“ и со меѓусебните напади. Моќта што ја имаа лентите на СДСМ кога го уриваa режимот на Никола Груевски беше во тоа што открија милијарди евра злоупотреби, системско и масовнo местење избори, партизирање на МВР, притисоци и бркања од работа и други активности во време на режим, кога медиумите беа замолчени или потплатени, па немаше друг начин да се открие вистината. Ако тогаш беа храбар потег, овие сега се кукавички подметнувања.

Овие бомби, што стануваат веќе и здодевни, им штетат место да им носат рејтинг на политичките лидери и партии, а уште поважно, ја девалвираат целата држава, и надвор и пред своите граѓани. Со ваков увод во кампањата, уште сега може да се процени дека бројот на неопределени на изборите ќе биде поголем од други години, бидејќи пораката е дека политиката е премногу валкана и партиите не заслужуваат да ги гласаат. И додека додека главните политички актери се убедуваат околу терминот за избори, граѓаните веќе масовно гуглаат на интернет и бараат каде ќе можат да заминат на летување, бидејќи тоа што им се нуди на јавната сцена не вреди толку за да останат. Не се убедени веќе ни дека можат на влијаат, ни дека можат нешто да сменат со своето гласање.

Ваквото враќање на „нормалноста“ исто така не потсети зашто два месеци требаше да седиме затворени дома. Тоа беше единствениот начин да не колабира здравствениот систем, откако со децении во него се трошело само за проста репродукција, но не и за вложувања, дотаму што на прсти се броеја маските и респираторите. И место трошење енергија на вакво политичко воајерство, што нема во ваков обем во друга земја во светот, а по трауматичното искуство со епидемијата, за очекување беше дека фокусот на политичката борба ќе биде околу други теми. Како, на пример, како да се спаси економијата, како да се преструктурира животот за да нема загадување, а со тоа и екстра ризици за општото здравје, како да се среди здравствениот систем, како да се спречи да дочекаме враќање на пандемијата без маски, лекови и лекари… Или, како да мотивираме нов здрав начин за живеење, како да ја зголемиме солидарноста, како економијата да стане поеластична на долг рок, како да престаат задолжувањата, како да се подигне нивото на едуцираност на нацијата да не верува во лажните вести наместо во официјалните вести и слично. Место тоа, влегуваме во нова фаза на шуплива шпионска серија која веќе не е ни забавна, ни корисна, ниту пак има епилог од неа, а не ја прави ни Македонија подобра држава, бидејќи ни го одвлекува вниманието од темите што нѐ засегаат.

Уште повеќе, ваквите „бомби“ ја сведуваат јавната дебата на ниво на „рекла-кажала“ и ги девалвираат случаите на вистинска корупција, бидејќи – или не се знае дали тоа што е во нив е фабрикувано, или пак се создава чувство дека криминал и злоупотреби има толку што не вреди ни обидот тоа да се смени. Освен што зборуваат за нивото на политичкиот морал, новокомпонираните „бомби“ го покажуваат и ниското ниво на политичка култура во земјата, која станува сѐ поприземна место поевропска. Крајно време е да стивнат нелегално и незаконски снимените видео и аудио материјали и ваквото воајерството да остапи простор на вистинската политика чија единствена цел ќе биде – како да ја направи Македонија подобра држава во секој поглед.

Ние сме толку затруени од чадот на бомбите и од прашината од партиските соопштенија, што се полни со најгруби навреди за противниците, што враќањето на ваквата нормала нѐ вади од памет, толку што и вестите за короната сега ни звучат некако поубаво од почетокот на политичката кампања. Неопходно е ерата на „бомбите“ и на службите да заврши, а со нив да се занимаваат само институциите, бидејќи тие што се пласираат сега не помагаат ни за пандемијата, ни за економијата, ни за образованието, ни за секојдневието, а сѐ поочигледно ни за угледот на партиите во земјата. Самиот факт колку му порасна рејтингот на министерот за здравство Венко Филипче, кога место како политичар почна да зборува како медицинско лице, најдобро покажа дека граѓаните сѐ повеќе претпочитаат стручност, одговорност и работа место препукување, нешто што не успева, колку и да е голем чадот од „бомбите“.