Политички уроборос

Мирисот на власта за нашите партии е исто толку силен и заслепувачки колку што е мирисот на пленот за митската змија уроборос. И не е чудно. За нив власта е средство, не просто за заробување, туку за пленување на државата


Уроборос е антички знак на кој е претставена змија која си ја јаде сопствената опашка и се изедува себеси. Станува збор за една претстава со силна симболичка моќ и ден денес. На прв поглед, змијата што си ја јаде својата опашка поттикнува на помисла дека тоа неразумно, а страствено суштество се уништвува самото себеси. Според некои толкувања тоа се случува затоа што змијата сето свое битие го свела само на чувството на мирис на плен. Мирисот на плен станува толку силен што ги ограничува сите други сензори. Под дејство на мирисот на плен змијата не ја чувствува ни болката која си ја нанесува сама себеси гризајќи се и труејќи се.

Според други толкувања, пак, симболизмот на уроборосот оди отаде очигледното. Според нив, тој симбол не ја претставува мизеријата на психологија на пленот туку величината на идејата за вечноста, за бесконечноста, за обновливоста на животот. Кругот, што би рекол Милчо Манчевски не е тркалезен, тој почнува таму каде што изгледа дека завршува, како што и животот завршува таму каде што почнува смртта.

На овие два симболички мотиви деновиве потсети тековната состојба со меѓупартиските односи кај нас. Партијата како феномен, исто како змијата уроборос, почна да си ја јаде сопствената опашка, почна да се јаде себеси. Мирисот на власта за нашите партии е исто толку силен и заслепувачки колку што е мирисот на пленот за митската змија уроборос. И не е чудно. Власта за нив не е само обичен туку легитимен плен. За нив власта е средство, не просто за заробување, туку за пленување на државата, односно за пленување на ресурсите на луѓето кои ја чинат и кои ја плаќаат државата. Борбата за власт, сега и овде, стана  ништо друго освен страст за плен.

Покрај елементот на мирис на плен, нашиот актуелен политички уроборос многу видно го содржи и елементот на неговата бесконечност. Зоран Заев, на пример, со најавената оставка всушност ја загриза сопствената опашка и почна да си ја јаде сопствената партија. Крвта која прсна од тој чин, пак, ги настрви страстите за плен на опозицискиот дел во змијарникот наречен македонски партиски систем. Токму преку тие страсти се согледува вечноста на борбата за одржување во живот – премиерот и партискиот вожд Заев, е мртов, да живее премиерот и партискиот вожд… Ќе дојде друг кој утре пак ќе си ја прождере сопствената опашка – довербата на граѓаните во политичките институции.

Тековните меѓупартиски односи толку силно потсетуваат на феноменот уроборос по уште еден друг чин карактеристичен за однесувањето на змиите – парењето во купче. Додуша, станува збор за две купчиња, но опашките и главите на единки од едното и другото купче се преплетуваат во другото. Таквите сцени се грозни и силно вознемирувачки за наблудувачот, за граѓанинот.

Уроборос е антички знак на кој е претставена змија која си ја јаде сопствената опашка и се изедува себеси

Исто толку вознемирувачки колку што беа според мене двете највознемирувачки информации во врска со неодамна завршените локални избори кај нас. Првата беше лиферувана од јавното обвинителство уште околу девет часот на денот на изборите. Тоа беше вознемирувачката информација дека американската амбасада го известила обвинетелството за информација добиена од „лице од политичка партија… дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела се на слобода, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес…!“ Потоа следуваше информација од Министерството за внатрешни работи во која се кажа дека е постапено по налог на обвинителството и дека на терен нема такви проблематични активности. Но! За што стануваше збор во овој случај? Дали амбасадата на САД си дозволи да биде излизгана? Тешко веројатно. Поверојатно е дека нејзините сензори уште тогаш ја насетиле, ја регистирале неконтролираната стрв за власт која подоцна ќе го предизвика комплексот на змијата уроборос. Ја насетиле, но не ја спречиле, само ја одложиле.

Втората отровна информација која ја покренува симболиката за змијата која си ја јаде сопствената опашка е информацијата која ја лиферуваше премиерот во оставка. Тој во своето обраќање по вториот изборен круг, признавајќи го поразот и со, објавувањето на својата оставка, ја загриза сопствената опашка –  изјави дека на изборите видел „сојуз меѓу жртвите и насилниците, без образ – за власт и пари“. Рече дека биле „видливи многу пари кај опозицијата дојдени од надвор од политички и економски причини“, а дел од големите пари опозицијата ги добила „и од домашни бизнисмени заради идни лични финансиски интереси и планови“ и дека токму тие пари го натерале „мнозинството од народот кој гласаше, како и оние кои останаа дома“ да ги изберат „истите луѓе и политичари кои во парламентот пред четири година сакаа и тргнаа да убиваат“. Со оваа изјава, премиерот во оставка почна да си ги јаде не само неговата политичка кариера, туку и неговата партија и нивните потенцијални гласачи.

Потсетувајќи на овој симболизам, не сакам да ширам дефетизам и одбивност кон политиката. Тоа го имаме доволно. Напротив. На оваа и другите мои колумнистички активности гледам како на политичка дејност, но не со змиски отров туку со змиско студенило. Политиката е општествена дејност од чија успешност зависи квалитетот на нашите животи – не само во материјална, туку во буквално цивилизациска смисла на зборот. Крајот на политиката е почеток на војната, а пак секоја војна завршува со политика.

Махмата Ганди, правдајќи го својот неволен политички ангажман  ќе рече: „Ако се чини дека се замимавам со политика, тоа е само затоа што политиката денес нѐ опкружува така како што опкружува змиско клопче од кое не можеш да се извлечеш колку и да се трудиш. Затоа јас сакам да се борам со змијата“.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)