Политичката стабилизација го поткрена кредитниот рејтинг


Кредитниот рејтинг на Македонија во февруари 2019 година, според бонитетната куќа „Кофејс“-Хрватска, е оценет со ознака Б, со тенденција за стабилност до крајот на 2019 година. Бизнис-климата е оценета со ознака А4. Ова е напредок за разлика од претходните години кога државата беше оценета со ознака Ц за ризик на земјата и исто ознака Ц за бизнис-климата во државата и се должи на политичката стабилизација на државата.

Ова, за Стопанската комора на Македонија(СКМ) значи подобрување на бонитет на македонските извозници пред странските партнери. Истовремено, се отвораат поголеми можности за македонските компании за пристап до странските пазари.

„Зголемениот кредитен рејтинг ќе им помогне на клиентите и бизнис партнерите да ги намалат финансиските и другите ризици кога ги склучуваат деловните договори, поголемата оцена во бонитетните извештаи ќе овозможи поголем кредибилитет во очите на клиентите и бизнис-партнерите, помал бизнис ризик, поголема доверба и полесно побрзо и помалкуризично донесување на бизнис-одлуките“, рече Валентина Цветковска од ССК.

При изготвувањето на кредитниот рејтинг, наведени биле предностите на државата: интеграцијата во германскиот синџир на производство (40 отсто од вкупниот извоз е во Германија), близината на централно европските фабрики, конкурентноста на платите, поддршката на меѓународните донатори, високите дознаки на работниците во странство и врзаноста на денарот со еврото.

Фото: Б. Грданоски