Политичка кампања од Шутка


Фото; Б. Грданоски

„Слобода за Јане Ченто“, е фан-страницата на „Фејсбук“ на која речиси секојдневно се објавуваат политички пораки што ги испраќа осудениот за упадот во Собрание. Во дел од пораките се потенцира дека тие се испратени преку неговото семејство, но нејасно е кој точно ја уредува оваа фејсбук-страница, со оглед на тоа дека во Истражниот затвор „Скопје“ на притворениците им е забрането да користат мобилни телефони.

Ченто, кој беше осуден на 15 години затвор бидејќи беше дел од толпата која сакаше насилно да го спречи изборот на новиот претседател на Собрание, Талат Џафери, сега од затвор ги повикува граѓаните да излезат и да ја урнат власта со пенкало. Во една од своите пораки, тој ги повикува граѓаните да гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на овие претседателски избори, Гордана Силјановска-Давкова. По претседателските избори, Ченто предвидува предвремени парламентарни избори и промена на власта.

„Со победата на професор Силјановска, ќе бидеме на еден чекор да го отфрлиме ова ропство во кое нè држи оваа банда. По победата на Силјановска, ќе има предвремени избори наесен, а тогаш сите партии ќе покажат колку вредат и врз тоа ќе имаме нова власт во Република Македонија која ќе биде чесна, достоинствена и праведна. Од слободниот човек не може да се направи роб, затоа што слободниот човек е слободен и во затвор.  ‘Слобода или смрт, ВМРО.’ Да живее Република Македонија!“ пишува во писмото Јане Ченто.

Предизборно со своја порака на фејсбук-профилот се јави и осудениот Горан Ангелов-Ќосето кој објави фотографија на која напиша: „И во зандани пише аго ‘Слобода или смрт’ – ВМРО – Ќосето“.

Директорот на Истражниот затвор „Скопје“, Ѓоко Котевски, во изјава за „Независен весник“ потврдува дека во притвор затворениците не можат да користат телефони, но ова е вечна борба меѓу затворениците, кои се секогаш еден чекор пред затворската управа.

„Ние како затворска управа преземаме сè што е во наша надлежност и во наши рамки на дејствување за да спречиме внесување на мобилни телефони. Но, треба и Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да се вклучат во изнаоѓање на тие криминални организирани структури кои вршат нелегални дејствија, шверц, продажба на мобилни телефони, но и наркотични средства“, вели Котевски.

Во неколку наврати, кога се правеле претреси по дојава од фејсбук-статус, управата добила признание дека семејствата им ги водат профилите на „Фејсбук“, па сепак, таа не исклучува ниту една можност.

На 15 јануари токму во затворот во Шутка се случи инцидент меѓу Ченто и затворските чувари. При редовен претрес на собите на затворените, во ќелијата на Ченто беа најдени мобилен телефон, мобилен полнач, импровизиран кабел за полнење мобилен телефон и други предмети што не се дозволени.

Затворската управа тврдеше дека Ченто се спротивставил и дал отпор, па чуварите насилно морале да му ги одземат мобилните. Ченто преку фејсбук- профили на други лица тврдеше дека чуварите го нападнале. По извесно време, Ченто испрати писмо до управата во кое признава дека погрешил и дека е виновен за инцидентот.

На митингот на ВМРО-ДПМНЕ се појави и оперскиот пејач Игор Дурловски, кој исто така беше осуден, па ослободен за упадот во Собранието на 27 април. Тој ја испеа химната на земјава на митингот на опозициската партија, а кандидатот за претседател Силјановска-Давкова го нарече прекрасен човек, кој сам ја почувствувал одмаздата на власта. Сепак Силјановска неколку пати повтори дека таа, како натпартиски кандидат, е погрешна адреса за барање одговорност или за извинување за настаните од 27 април. Нејзиниот контрааргумент за насилството во Собранието е фактот што власта „го амнестираше Крсто Мукоски од директната одговорност за последиците од насилството во Собранието, а со цел да обезбеди промена на Уставот“.

Викендов шведските медиуми објавија, а Обвинителството за организиран криминал и корупција потврди дека единствениот обвинет за „крвавиот четврток“, Дејан Давидовски-Дешо, на 7 април бил уапсен на аеродром во Стокхолм каде што пристигнувал од Софија. Давидовски избега во ист период со сега осудените, Никола Митревски-Кољо и Александар Василевски-Нинџа, но тие двајца по неколку месеци сами се предадоа на истражните органи. Нинџа во својот исказ пред суд откри кој давал наредби за 27 април и беше осуден на осум години затворска казна, под минимумот, додека Митровски е осуден на 15 години затвор. Законот за амнестија кој го изгласа Собранието ги амнестираше пратениците кои ги отворија вратите на Собранието и други обвинети, а преостанатите 16 беа осудени на затворски казни од над два века. Сега тие се надеваат дека нив ќе ги аболира претседателот Ѓорге Иванов пред крајот на својот мандат. Дел од нив во текот на судскиот процес не можеа да го скријат револтот за тоа дека оние што го организирале упадот се на слобода, а тие завршиле во затвор.

Додека бранителите на обвинетите се децидни дека Иванов има законска можност да ги аболира преостанатите обвинети за упадот во Собранието, власта убедува дека со укинувањето на членот 11, шефот на државата нема веќе дискрециско право да дава помилувања во исклучителни случаи без претходна постапка во Министерството за правда.

Сега се чека одлуката на претседателот Иванов кој може политички да го запечати судскиот процес и да нема ниту еден осуден за крвавиот четврток. Обвинителството отвори истрага и за организаторите на упадот, меѓу кои е и поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешните министри, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Истрагата за организаторите, која треба да го заокружи овој процес, сè уште не е завршена, но се помести од мртва точка кога обвинителството ги откри и ги осомничи дел од организаторите. Според обвинителството, упадот го организирал поранешниот премиер Никола Груевски, но доказите за него се собраа неколку месеци откако избега. Покрај Груевски, за организацијата е осомничен поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, кој од притвор го спаси пратеничкиот имунитет, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, разузнавачот Никола Бошкоски кој е во бегство во Грција, а неколку месеци во притвор е и поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски.

Фросина Факова – Серафиновиќ