Политичарот: Ни слуга, ни господар, просто граѓанин


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Која сорта луѓе од нас, од народот, стануваат политичари? Кој и како ги регрутира, како се селектираат, како се развиваат нивните специфични особини на политичари?

 

Деновиве сведочиме за јавна конфронтација помеѓу две сфаќања на опшетствената улога на политичарите. Спротивставените гледишта не се мотивирани од сознајно туку, пред сѐ, политички. Но! Тие нивното, ние своето. Конфронтациите поттикнуваат на размисла за општествената улога на политичарите кај нас. Според едното гледиште, политичарите треба да му слугуваат на народот – популистичка позиција, пар екселанс. Според другото, тие треба да бидат господари и да ја одржат власта, оти без нив се загрозува државата, а со тоа и животите на народецот – чиста макијавелистичка позиција.

И едните и другите со овие изјави се потврдуваат себеси такви какви што се гледаат во улогата на политичари. И нека им е. Проблемот е во тоа што зборувајќи за себеси тие кажуваат за нас, граѓаните. Во наше име, првите претставувајќи се како наши прислужници, нас нѐ претпоставуваат како нивни газди. Другите гледајќи се себеси како чувари, нас нѐ гледаат како овци кои сами не знаат на кај да фатат. Ние, пак граѓаните!? Нас нѐ има секакви. И такви кои имаат потреба да водат, но не им се дава и такви кои имаат потреба да бидат водени, но не наоѓаат вистински водач. Каков народот такви политичарите. Тоа е претставничката демократија нели, одраз на преовладувачките склоности, потреби и волја на демосот ограничени, можеби, единствено со вредностите на човековите права и слободи.

Но која сорта луѓе од нас, од народот, стануваат политичари? Кој и како ги регрутира, како се селектираат, како се развиваат нивните специфични особини на политичари? Дали тие конституираат засебен ентитет, колективитет, дали имаат засебен идентитет или се прост агрегат? Ова се многу важни прашања за секој политички систем, особено за демократскиот. Од структурата и квалитетот на политичарите зависи и успешноста и ефикасноста на системот. Особено на демократскиот, бидејќи, барем теориски, тој озбезбедува поголема политичка подвижности и циркулација на политичките елити.

Формално правно, механизмот преку кој се селектираат политичките кадри се изборите. На нив се надоврзуваат други демократски техники за избор и именување, на пример, на влада, министри, раководители, директори, претседатели и други политички функции. Од оваа перспектива, важноста на изборите е неспорна и затоа тековните дискусии за измени во изборниот систем заслужуват внимание. Констатациите дека неодговорното однесување на политичарите кај нас во голема мерка е последица од сегашниот изборен модел се точни. Но, тие не ги дофаќаат најважните аспекти на формирањето на политичката класа кај нас. Убеден сум дека и по прифаќањето на предлозите за една изборна единица и отворени листи, прашањето за тоа која сорта луѓе од народот стануваат политичари ќе биде уште поактуелно. И новиот изборен модел ќе избира од она што ќе биде ставено на листите, а за влезот во листите нема други законски норми, освен за застапеноста на жените.

Професионално дејствувам во секторот образование и многу добро знам дека формалните процедури, на пример, за избор во наставно-научни звања стапуваат на сила, односно селектираат само од она со што се располага. А расположливите човечки ресурси се ограничени затоа што тие самите се резултат на т.н. механизам на негативна селекција. Тој општествен механизам функционира така што кон факултетите кои подготвуваат образовни кадри насочува послаби ученици од средните училишта. Наставничките факултети заради статусот на наставниците се поатрактивни за една категорија ученици отколку за друга.

Истото важи и за институциите кои ја вршат функцијата на регрутација и селекција на човечките ресурси во областа на политиката. Тука политичките партии се покажуваат како поатрактивни и поприемчиви за специфичен профил луѓе отколку за друг. Психолошките истражувања кај нас сѐ уште не се протегнале до оваа тема за да ни кажат какви црти на личноста ги карактеризираат кадрите со кои располагаат или на кои рачунаат партиите. Не е подобра состојбата ниту со социолошките истражувања на оваа тема. Но и без научните анализи ги гледаме резултатите „Тепсиата стоо“, би рекол премиерот, а прашањето е кого канат на баклава. Од досегашните домашни и странски истражувања може да се заклучи дека интересот за политика и, конкретно за партиски ангажман меѓу помладите е далеку помал во споредба со интересот на пензионерите, на пример! На светско ниво политичките партии се соочуваат со проблем да привлечат квалитетни подмладоци. Така, Глобалниот младински извештај на Обединетите нации за 2016 година, на пример, покажува дека  од лицата во возрасната категорија меѓу 18 и 29 години само 4.1% се активни партиски членови.

Во такви услови кога партиите не се привлечни за доволно широк круг млади со автономна мотивација за политички и партиски ангажман, тие се свртуваат кон она што им им е на располагање – „дај што дадеш“. За потребите на сопствената репродукција тие регрутираат млади кои се задоволуваат со актуелната партиска понуда. А тоа е да се спремат како политичари да се однесуваат или како слуги или како владетели, но никако како нормални граѓани. А поетот (Р. Павловски) пее токму за тоа:

„Не барај од мене да бидам
ни твој слуга ни твој господар: јас сум Молња…“

(Ило Трајковски е универзитетски професор)