Погледнете го домот свој луѓе


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Ние, луѓето, не сме центарот и најбитното нешто што се наоѓа на планетата Земја, туку сме само мало делче од она што се нарекува живот на кој имаат право сите видови кои се наоѓаат на земјината топка

 

Со појава на Ковид-19, човекот, најголемиот непријател на својот дом, планетата Земја, принудно беше отстранет од природата и затворен во својот вештачки изграден свет. Природата сама се обновуваше, а планетата Земја се ресетираше обидувајќи се да ги залечи раните кои ѝ ги зададовме и ѝ ги задаваме од самото свое постоење. Тие неколку недели мир, без присуство на човекот, природата ни ја покажа совршената хармонија помеѓу животните, растенијата и мајката Земја. Ни покажа природата дека ние сме најголемиот непријател на самата планета и сиот живот на неа, ни покажа дека сме себични, бесчуствителни, нерационални, кусогледи, алчни и уште многу нешта и дека ние ниту знаеме ниту умееме, а ниту сакаме да живееме во хармонија со природата и светот околу себе. Ние сакаме да експлоатираме, менуваме според наши желби и наоѓања, непрашувајќи се – смееме ли, умееме ли.

На 22 април 1970 година беше прогласен Ден на планетата Земја. Тој ден беше прв пат спомнат терминот глобалното затоплување, термин кој таа 1970 година малку кој го разбра во пораката на Френк Блер кој го цитираше научникот Марио Мичел.

Таа 1970 година на планетата Земја живееле 3,7 милијарди луѓе, а по патиштата се движеле 200 милиони автомобили и камиони, дневната потрошувачка на нафта изнесувала 45 милиони барели. Таа година се произведени 30 милиони тони свинско месоа, 13 милиони тони живинско месо, а од морињата се извадени 65 милиони тони морска храна. Животниот век на човекот 1970 година во просек изнесувал 59 години.

Само педесет години подоцна, 2020 година, на планетава живеат 8 милијарди луѓе, по патиштата се движат 1,5 милијарди возила, а потрошувачката на нафта е зголемена на повеќе од 90 милиони барели дневно. Потрошувачката на свинското месо е удвоенена, потрошувачката на живинско месо е за четири пати поголема, а уловот на риба и морски плодови е зголемен за 50 отсто. Животниот век на луѓето 2020 година изнесува во просек 72 години.

Само овие неколку основни бројки се фрапантни и ја покажуваат тенденцијата и правецот во кој неминовно се движи човештвото во обезбедување на неколку основни животни потреби, но и правецот во кој се движи и ќе се движи природата и планетата Земја не по свој избор и вина.

Со зголемувањето на популацијата се зголемуваат и потребите не само за храна туку и за енергија, превозни средства, а планетата Земја ниту може да се зголеми ниту може самата да ги зголеми своите ресурси и отпорноста на нашето штетно влијание. Емисијата на штетните гасови енормно се зголемува, а нивното таложење во атмосферата се одвива со векови па и милениуми. Тие директно и неминовно влијаат на климатските промени и глобалното затоплување, што, пак, создава цела низа штетни последици и пропаѓања на цели еко системи и видови кои никогаш повеќе нема да бидеме во состојба да ги вратиме и оживееме.

Поради глобалното затоплување летата стануваат сѐ потопли, а годишната просечна температура се зголемува што предизвикува топење на глечерите. Најновите истражувања на Гренланд покажале дека сѐ повеќе езера на ледената покривка таму се истопени и дека секои три секунди се топи количество на  вода доволно да се наполни еден олимписки базен. Таа вода истекува на дното на ледената покривка, каде ја подмачкува карпестата подлога и го забрзува лизгањето на мразот во океан со што нивото на океаните и морињата се покачува.

Со покачување на нивото на океаните и морињата многу од островите, кои се сега туристичка или историска атракција и кои се населени, ќе бидат пусти и животот на нив ќе биде невозможен, како Маршалските острови или Малдиви.

Покрај поплавувањето, цунами, сушите, посилните бури и пожарите ќе бидат сѐ посилни и поприсутни. Ако некогаш мегапожарите (пожари кои зафаќаат 40.000 хетари) беа реткост во последнава деценија тие се се побројни и поголеми. Во 2019 година мегапожарот кој го зафати Сибир опустоши и изгоре 7 милиони хектари шума. Во Австралија во изминатата година во пожари се опустошени 9,5 милиони хектари.

Луѓето не сфаќаат дека животот на земјата е меѓусебно поврзан како мрежа и дека поради нашето штетно влијание таа мрежа сѐ повеќе се кине. Една мала промена која за нас е небитна создава катастрофални последици во природата и има домино ефект и на растителниот и на животинскиот свет но и на самата планета Земја и нејзината атмосфера.

Во иминатава деценија бројот на исчезнати животински видови изнесува неколку стотици. Никогаш повеќе нема да ги видиме хавајскиот полжав, колумбискиот гњурец, златната жаба, саудиска газела, делфинот од Јанг Це, сината ара, поули од Мауи, источна пума, тасманискиот тигар, птицата додо од Маврициус, штелерова морска крава, јаванскиот тигар, занзибарскиот леопард, пиринејскиот козорог, западниот црн носорог и уште стотици видови. Според извештајот на Светскиот фонд за заштита на дивите животни популацијата на дивите цицачи, птици, риби, влекачи и водоземци е за 60 отсто помала отколку пред само 50 години.

Во Северна Америка бројот на птиците е намален за 3 милијарди, а се бележи и алармантен пад на полулацијата на иснектите. Според една студија биомасата на летачките инсекти во германските заштитени подрачја опаднала за 76 проценти во само три децении.

Птиците, инсектите, лилјаците се исклучително битни за опрашување на растенијата толку клучни што 3/4 од сите прехранбени плодови зависат од овие опрашувачи.

Уште многу нешта би можеле да се кажат и напишат за нашата негрижа за сопствениот дом, кој беспоштедно го уништуваме и опустошуваме. Уште многу примери би можеле да наведеме како сме уништиле цели популации на живи суштества со кои сме ја делеле планетата и кои имале своја ролја во животот на Земјата, но и ова досега напишано е доволно да ја разбуди совеста кај луѓето кои знаат да слушнат, да видат и кои сакаат да размислат и да го сменат односот кон светот околу себе.

Ние, луѓето, не сме центарот и најбитното нешто што се наоѓа на планетата Земја, туку сме само мало делче од она што се нарекува живот на кој имаат право сите видови кои се наоѓаат на земјината топка. Треба погледот од себе да го свртиме на она околу себе и да се обидеме да се вклучиме и да го приспособиме својот живот на животната мрежата на планетата Земја и да го почитуваме сето она што е создадено без нас и многу пред нас.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)