Пофалба на судиската непослушност


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Сите сили на популистичка Македонија се кренаа против баучот на независното судство

 

На 22 март 2019 година, на страниците на „Независен весник“ пишував за една посакуванa судиска побуна. Анализирајќи го општественото значење на неколку судиски одлуки од тој период, се осмелив да ја назначам веројатноста за една судиска побуна. Повеќе како посакување и проекција отколку како објективен аналитички заклучок најавив можност за една крупна општествена промена предводена токму од судиската фела. Тогаш беа најактуелни случаите „Титаник 2“ и пресудите за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година. Крупни и тешки правосудни случаи во кои е впишана и допрва ќе се исчитува сета патологија на нашето општество, а особено проблемите со владеењето на правото и партиското заробување на државата.

За едни овие и слични случаи беа дела на „Кацарска судството“ за други, тие беа доказ дека дошол крајот на „Сваровски судството“. Јас, пак, во пресудите видов најава за судиска побуна и зародиш на една судиска револуција. Сметав дека ако судиите не го искористат моментот и не соберат сила да покренат едно движење за преобразба на општеството според принципите на владеењето на правото за што се платени, тогаш општеството, или неговиот најистурен дел преставен во ликот на политичарите ќе ги докусури, претворајќи ги во партиски приврзоци. Судиите или ќе судат како што им е дадено со Устав и законите или ќе им биде пресудено, напишав тогаш.

Еве сме една година потоа! Не се случи посакуваната судиска побуна, но затоа се случи дополнително урнисување на имиџот на правосудниот систем поради аферите „Рекет“ и „Империја“. Како и во претходните, така и во овие случаи политиката го поплука правосудството, а со тоа и идејата за правдата. СЈО отиде во историјата на нашиот правосуден систем.

За момент ме зафати доминантното убедување дека политиката целосно го има залеано правосудниот систем со дебелослоен клиентелистички и послушнички менталитет и дека од таму нема да тргне промената. Но! Кога најмалку очекувавме судството и обвинителството – двата клучни столба на правосудниот систем кренаа глава. Адвокатската комора си гледаше сеир!

Одважно демонстрираа непослушност кон власта! Наместо побуна и револуција добивме судиска и обвинителска непослушност. Тоа е сепак нешто. Дали ќе е доволно за промена ќе видиме. Но, барем кренаа глава и покажаа дека некои прашања во врска со правдата во оваа држава им припаѓаат само на судиите и обвинителите како професионалци. Судиите и обвинителите се побунија против нивното опфаќање со уредбата на владата за определување минимална плата за сите избрани, именувани и назначени лица. За судиите тоа значеше упад на извршната во судската власт и рушење на една од темелните претпоставки на независноста на судиите и судството.

Побуната најпрво се пројави како писмена и усна реакција во форма на контакти и лобирање на здруженијата на судии и обвинители во Министерството за правда и Владата со барање за изземање на судиите и обвинителите од таа уредба. Тие јавно повикаа да не се задира во судскиот буџет и дека ќе ја покажат својата солидарност, но со своја одлука, а не под диктат на владата. Но, овој вид колективно дејствување за одбрана на своите интереси не им успеа. За разлика од игнорантскиот однос кон судството и обвинителството, Владата ги послуша барањата на некои други јавни институции за нивно изземање од важењето на уредбата за неисплаќање додатоци и надоместоци на плата за време на траење на вонредната состојба. Причина за овој диференцијален третман може да биде јавната поддршка на која владината политика ја доби од државниот јавен обвинител како и од една истакната судијка, по чие презиме некои го етикетираа целото судство. Тие во овој корона-клинч меѓу здруженијата на суди и обвинители и владата застанаа на страната на владата!

Во ваква ситуација, повеќето би се обложиле дека судиите ќе наведнат глава и ќе послушаат. Но, преку нивното здружение организираа внатрешни консултации од кои произлезе одлука да се застане во одбрана на честа и дигнитетот на судството – по судски пат. Голема одлука! Судиите сето свое познавање на уставот и законите го ставија во рацете на Уставниот суд. Храбар потег, имајќи го предвид лошиот имиџ на Уставниот суд и популистичките цели и ефекти на владината уредба.

Уставниот суд, сепак, оцени дека оспорената уредба има проблем со уставноста. Непослушноста на судиите доби судска поткрепа. И наместо во овој чин да се види зрнце надеж дека судството конечно се исправува и ќе се брани од упадите од извршната власт се подигна антисудиско цунами. Сите сили на популистичка Македонија се кренаа против баучот на независното судство. Владини и партиски портпароли зборуваат за голем срам на судството. Државниот јавен обвинител дури ги обвини своите колеги обвинители и судиите за несолидарност со нацијата. Владејачката партија, во тоа виде уште една потврда на нејзината програмска „определба… за прочистување на судството“.

А судството партиски го чистеа толку многу пати. Сега кога тоа самото реши да си подзачисти пред својот двор не им чини. Одлуката на Уставен суд, а пред сѐ, непосолушничката иницијатива на здружението на судии покажува дека треба чистка треба да се прави не во судството туку таму каде што била смислена и донесена оспорената уредба. Не врне затоа што отвораме чадори, туку отвораме чадори за да се заштитиме од дождот. Владата направи грешка во чекори и за тоа треба да биде санкционирана, а не да вика по други – „држете го крадецот.“

Најпатетични се  чинат нападите врз судиите за нивна заинтересираност само за сопствените плати. Според овие оценки, уставните судии молчеле за иницијативите по повод промената на името на државата или за донесувањето на законот за двојазичност, а промптно реагирале токму кога се во прашање нивните плати и платите на другите судии и обвинители. Па нели живееме во време кога материјалниот интерес е најлегитимниот и најсилниот двигател на индивидуалните и колективните акции! Или тоа важи само за бизнисмените и политичарите, а не и за судите, за обвинителите, за професорите за сите кои работат во јавниот сектор. Дали само тие треба да работат за јавно добро и за интересот на нацијата, а приватниците за приватните џебови? Која солидарност покажуваат бизнисмените кои товарат работници на трактори, начичкани како орудија за работа, или наредени едни  до други во некоја хала, или…, а посегаат по пари од фондот за ублажување на штети од корона вирусот?

Оваа судиска непослушност, независно од нејзината интересовна или поинаква мотивираност заслужува пофалба и поддршка, а не популистичка поруга. Таа покажа дека поткопувањето на материјалната положба и независност на судството може се одбрани ако се сака.  Не е срам судиите да ги бранат своите интереси – материјални и професионални. Тие не би биле така ругани ако се бранеа и ако се бранат секогаш кога владата ги брцка рацете во судскиот буџет за да ги пренамени за други, секогаш „поургентни“ јавни потреби. Партиите во сегашнава, но и од која било наредна влада од ова треба да извлечат поука дека не се газди на државните институции. Секоја од овие институции има специфична мисија и функција во системот, а судството е една од трите државни власти која стои рамо до рамо со извршната и законодавната власт. Ни прст подолу ни прст погоре од владата.

„Дури и да претпоставиме дека оние на власт може да убедат секого дека                                     сите закони и мерки… се осмислени во полза на јавното добро, сѐ уште                                         нема причина да се верува дека тоа ќе ги задоволи сите. Сѐ додека луѓето                                   се натерани да ги претпочитуваат приватните добра пред јавното тие ќе                                       покажуваат непослушност кон политичките владетели“ (Натанаил Емонс)

(Ило Трајковски е универзитетски професор)