Поетска ноќ во Велестово по 34. пат


Традиционално во Охридското село Велестово од утре до 21 август ќе се одржи 34-тата „Поетска ноќ“.

Манифестацијата, како што најави денеска на прес-конференција програмскиот директор Јулијана Величковска, ќе почне на сред село-на чешма, а во фокусот ќе биде поетскиот портрет на македонската поетеса, есеистка, преведувачка и добитничка на бројни награди, Лидија Димковска.

Во програмата се предвидени три поетски читања, на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за млади од регионот, како и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно, за подигање на свеста за екологијата.

– В сабота ќе се реализира проектот „Охрид поетски викенд и работилница за млади од регионот“ во чии рамки ќе се претстават пет поети од регионот, Селахатин Јолгиден од Турција, Мањола Наси од Албанија, Валентина Бактијаревиќ од Србија и Диме Данов и Јулијана Величковска од Македонија. Ќе имаме работилница наменета за млади, на која ќе учествуваат ученици од Охридската гимназија, а универзитетски професори, фотографи, филмаџии, актери… на младите ќе им го пренесат своето знаење и умеење како креативно да пишуваат и интерпретираат поезија, односно како поезијата може да се поврзе со другите уметности, истакна Величковска.

Поетот Славе Ѓорго Димоски, кој е дел од организацискиот одбор изрази задоволство што манифестацијата влегла во, како што рече, една сериозна зрелост и искачување на некои висини.

– Нашата „Поетска ноќ во Велестово“ веќе го зема приматот на најзначајните манифестации во Македонија. Уште од стартот се наметна со својата оригиналност и успеа да стане еден вид антологија на македонската поезија и сликарство. На својата 20 годишнина помина во интернационална манифестација, истакна Димоски.

 

„Поетската ноќ во Велестово“, според него, има двојна улога, односно да се зашитити македонскиот јазик и да с епренесува надвор од границите.

– Едната е да си го заштитме македонскиот јазик, а другата е преку гости однадвор да го пренесуваме јазикот надвор од нашите граници, бидејќи знаеме какви црни облаци ни се спуштаат. Мислам дека со убавиот збор, со поезијата, која претставува есенција на еден јазик ќе се зачува, ќе се одбрани и ќе се оди напред, нагласи Димоски.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, од Општина Охрид, програмата на РЕАД и други спонзори и помагатели.