Подобро отворен отколку „отровен“ Балкан


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

За целосно заживување на идејата за Отворен Балкан пресудна ќе биде борбата против корупцијата. Во спротивно, лесно може да добиеме и отворен и „отровен“ Балкан

Мал чекор за Европа, голем за регионот – вака накусо би можела да се опише иницијативата која во четвртокот во Скопје ја промовираа премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со намера од 2023 година меѓу трите држави целосно да се укинат ограничувањата и да се овозможи слободен проток на стоки, услуги, луѓе и капитал.

Доколку Балканот беше Скандинавија или Балтик, оваа иницијатива, која е всушност е продолжение таканаречениот Мини Шенген, веројатно ќе беше прифатена од сите земји во регионот, а кои сѐ уште се надвор од Европската унија. Заедничките интереси, можноста за побрз економски раст и развој, за повеќе инвестиции и нови вработувања, ќе беа над резервите и стравувањата дека зад идејата има други, скриени намери.

Сублимирано кажано, подобро отворен отколку „отровен“ Балкан со бројни бариери во меѓусебните економски односи и политика која не ги познава зборовите доверба и компромис.

Но, Балканот не би бил тоа што е доколку работите одат мазно. Затоа воопшто не е изненадување одбивањето на Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да се приклучат на тимот, иако тоа би можело да се очекува имајќи ги предвид релациите меѓу Тирана и Приштина, или Белград и Бања Лука, на пример.

Можноста за придружување на други земји во Отворен Балкан е присутна, но како што посочи и тројката Заев, Рама и Вучиќ во Скопје, целиот процес не е ни малку лесен и едноставен и бара време и посветеност.

Меѓу другото, за да заживеат четирите слободи на кои се темели и функционирањето на Европската унија, потребно е да се направат законски измени, да се усогласат прописите меѓу државите, да се поврзат системите, да се формираат и заеднички институции, како и да се обезбеди веродостојноста при размена на податоците и документите и уште многу други работи кои се неопходни за еден таков крупен зафат, покрај манифестираната доверба на политичко ниво.

Некои од земјите, како што е Косово, сметаат дека Отворен Балкан е замајување и лажна алтернатива за Европската унија, што е неприфатливо за официјална Приштина.

Тешко е да се помисли дека создавањето единствен пазар од земјите на Западен Балкан може да биде каква било алтернатива за ЕУ, уште помалку дека тоа може да биде скусената формација од три држави, имајќи предвид дека нивниот вкупен домашен бруто производ е помал од оној на Словачка. Затоа, многу пологично е причината за резервите да се бара во стравувањето од доминантната улога на Србија, имајќи ја предвид големината на нејзината економија, територијата и бројот на населението.

Еден наш бизнисмен тоа го прокоментира со реторичко прашање: каде ќе одат нашите инжинери, ако им се даде можност да работат блиску до Македонија, како на пример во Белград или во Нови Сад? Одговорот е повеќе од јасен, но потешко е да се најде решение на другиот дел од прашањето, како македонските компании или странските кои работат кај нас, ќе најдат алтернатива за таквиот одлив на кадар. Или, дали целосното симнување на бариерите и заштитата ќе значи крај за многу домашни компании изложени на силна конкуренција од фирми во регионот? Ова се легитимни прашања, и оправдани дилеми пред кои се изложени стопанствениците. Исто како и контра прашањето, ако не се подготвени за конкуренција од регионот, тогаш како ќе се справат со уште посилната од ЕУ, со оглед дека сите се за влез во Унијата, колку што е можно побрзо.

Во рамки на Отворен Балкан се предвидува формирање Фонд за Западен Балкан, Комисија за балкански филм, Балкански вински фестивал, потоа попусти за туристички патувања и слично. Но, сето тоа е капка во морето во однос на моќните институции на ЕУ кои се кадарни да се соочат со која било криза и да им помогнат на земјите членки и во најтешките ситуации. Доволно е да се спомене помошта која ја добиваат земјите за да се справат со кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот, или должничката криза на Грција…

Од историјата на ЕУ и процесот на проширување е познато дека и ЕФТА, Европската асоцијација за слободна трговија, ѝ помогна на Велика Британија во преговорите со тогашната Европска заедница.

Сепак, како што се вели, и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Тој беше направен во Скопје. Колку долго ќе трае патувањето и до каде ќе се стигне, нема да зависи само од прифаќањето на иницијативата од сите држави, туку и од некои други работи.

Борбата против корупцијата, на пример.

Колку за потсетување токму проблемите со корупцијата деновиве беа во фокусот на извештаите за инвестициската клима на американскиот Стејт департмент.

За Македонија беше посочено дека водењето бизнис е генерално лесно, а правната рамка во голема мера е во согласност со меѓународните стандарди, но корупцијата е постојан проблем. Во извештајот се вели и дека постојат кредибилни обвинувања за корупција во полицијата, судството и во многу други сектори, дека влијае врз водењето на бизнисите, дека носењето на закони некогаш е пребрзо, а спроведувањето и имплементирањето речиси без исклучок е бавно…

Извештајот за Албанија исто така е полн со критики. Како што пренесоа медиумите во оваа земја, Албанија и понатаму е една од најкорумпираните земји во Европа, а странските инвеститори ја наведуваат корупцијата, особено во судството, каде што неефикасните процедури ја поткопуваат заштитата во земјата, па мора да бараат меѓународна арбитража за решавање на недоразбирањата, при што е наведен и случајот на една американска компанија.

Србија доби добри оцени за макроекономските реформи и подобрената финансиска стабилност, фискална дисциплина, како и дека американските инвеститори генерално уживаат еднакви услови со нивните српски и странски конкуренти.

Сепак, како што се наведува, предизвиците остануваат, особено бирократските одложувања и корупцијата, како и државните претпријатија што генерираат загуби, големата неформална економија и неефикасното судство. Политичкото влијание врз одлуките на номинално независните регулаторни агенции е исто така загрижувачко, забележа Стејт департментот.

Ако се имаат предвид забелешките од извештаите за бизнис климата на Стејт департментот, но и на други институции, тогаш заклучокот е дека намерата искажана од политичарите од 2023 година да има нула минути чекање на границите и една работна дозвола е остварлива, но дали целосно ќе заживее идејата за Отворен Балкан во вистинска смисла, многу повеќе ќе зависи од она што ќе се испорача во борбата против корупцијата. Во спротивно, ќе добиеме и отворен и „отровен“ Балкан.