Поднесено обвинение за Антонио Милошоски во предметот „Моќник”


Освен за Милошски обвинителен акт е поднесен и за неговиот татко и поранешниот градоначалник на Македонски Брод. За други десетмина (сите членови на Комисијата за лустрација) поднесен е обвинителен предлог

 

Основното јавно обвинителство-Скопје денеска поднесе обвинение за случајот „Моќник“, во кое обвинети се сите 13 лица што беа опфатени во истрагата, меѓу кои и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. За Милошоски и други две лица е поднесен обвинителен акт, а против десет е поднесен обвинителен предлог.

Пратеникот е третоосомничен и се товари за делата измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Таткото на Молошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод се прв и втор обвинет. Останатите десетмина опфатени со обвинителниот предлог се претседателот на поранешната Комисија за лустрација, Томе Аџиев, и деветте членови. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба.

Предметот се однесува на продажна на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3.920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница.

Со продажбата на овој објект, како што посочуваат од обвинителство, обвинетите нанеле штета на државата во вредност од 1,795 милиони денари и за продажбата на земјиштето нанеле штета на општината Македонски Брод во вредност од 1,176 денари.

Во описот на дејствијата што ги презел Милошоски од обвинителство велат дека тој ја искористил својата позиција на пратеник и вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата.

На 27.10.2011 година, првообвинетиот писмено се обратил до советот на општина Македонски Брод со барање да донесат одлука за продажба на задружниот дом  во с.Ижиште и лажно во барањето навел дека истиот веќе го користи тој простор, сопственост на општината и сака да отвори сопствен бизнис, иако знаел дека објектот  е всушност руинираниот дел запишан во катастарот на недвижностите кој го користел градоначалникот и општинската администрација на општина Пласница и Управата за водење на матични книги, велат од обвинителство.

На 28.10.2011 година Советот на општина Македонски Брод на седница го разгледувал барањето од првообвинетиот, притоа збор земал второобвинетиот и лажно презентирал дека се работи за објект кој на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот совет, а за што имало договор, па за да може да се направи вложување во објектот второобвинетиот побарал од советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на прообвинетиот преку јавна лицитација.

Советниците доведени во заблуда со лажно прикажаните и  прикриени факти за тоа кој објект е предмет на продажба едногласно донеле одлука за отуѓување на зградата и во апсолутна заблуда му овозможиле на второобвинетиот да започне со постапката за продажба на објектот и дворното место. По што второобвинетиот за да се избегне конкурентноста во наддавањето и да не се јави друг заинтересиран купувач, не го објавил огласот за продажба во службен весник, па како наддавач се пријавил само првообвинетиот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на државата за цена од 1,795 милион денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето.

Парите биле уплатени на сметка на Општина Македонски Брод, а со второобвинетиот бил склучиле договор за купопродажба, кој како сопственик на објектот подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како наводна техничка исправка, иако немал основа за такво впишување. Тој го купил и земјиштето по цена од 100 денари по м2, во постапка без јавно наддавање.

Откако градоначалникот на општина Пласница дознал дека објектот во кој е сместена администрацијата на општина Пласница и неговиот кабинет е продадено,  телефонски контактирал со третообвинетиот, а побарал и од владата да ја испита постапката за продажба. Владата оформила комисија, но, третообвинетиот искористувајќи ја својата позиција на пратеник од владејачката партија вршел континуиран притисок врз сите институции кои постапувале по овој предмет, за да остане во правна сила незаконитата продажба на објектот и земјиштето.

Третообвинетиот паралелно со притисокот врз надлежните за непреземање активности за преиспитување на продажбата во име на претседател на комисијата за надворешна политика, преку писмени барања иницирал инспекциски и полициски контроли врз едно правно лице, а организирал друго лице да поднесе барање до Комисијата за утврдување на фактите (Комисија за лустрација) со наводи кои треба да иницираат постапка за лустрација против судија.

Притоа умислено го поттикнал четвртообвинетиот како претседателот на Комисијата за утврдување на фактите,  врз основа на тие наводи да отвори повторна постапка за лустрација над судијата. Постапката за лустрација била отворена и четвртообвинетиот заедно со деветмина исто така обвинети – членови на Комисијата за утврдување на фактите, како службени лица, постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација донеле одлука за лустрација на оштетениот кој бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија во Основен суд Кичево, а потоа со одлука на истиот орган е утврден и престанок на вршење на судиската функција на оштетениот, со што потешко му ги повредиле неговите права.