Скопски возач на автобус превезувал патници без возачка дозвола


Фото: Б. Грданоски

Мобилна полициска единица во општината Ѓорче Петров во Скопје уапси возач на автобус „мерцедес“ со скопски регистрации, кој вршел јавен превоз на патници без важечка возачка дозвола. За сопственикот на возилото се најавени санкции.

„На улицата „Панајот Гиновски3 во Ѓорче Петров во Скопје од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи на МВР, лишен од слобода е возач на автобус марка „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кој вршел јавен превоз на патници без да поседува важечка возачка дозвола. Против возачот З.С. (54) од Скопје и сопственикот на возилото, правен субјект од Скопје се преземени соодветни мерки и ќе се соочат со законски предвидената санкција. Сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период на територијата на цела држава, со цел санкционирање на сторителите, зголемување на безбедноста и заштита на учесниците во сообраќајот“, соопштуваат од МВР.

Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што, како што велат, заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.