Подемот и падот на Ексон

Ексон беше најголемата компанија во светот во 2013 година. Сега е исфрлена од индексот Дау џонс

 

Со децении, ExxonMobil беше незапирлива машина. Заработи купишта пари, трошејќи ги парите мудро и наградувајќи ги раскошно акционерите.

Не многу одамна – во 2013 година, Ексон беше највредната компанија на планетата. Нејзината пазарна вредност се искачи на 446 милијарди американски долари во средината на 2014 година, последен пат кога суровата нафта се тргуваше по цена од над 100 долари за барел.

Но, Ексон сега е лушпа на своето поранешно јас.

Серија стратешки решенија повлекоа лошо, од обложување на природниот гас на врвот на пазарот до доцнење за бумот на шкрилци во Америка.

Ексон сега губи пари за прв пат во изминатите децении. Во прашање е доведена долгата практика на зголемување на дивидендата. Ексон е типичен пример за индустријата за фосилни горива во време на длабока загриженост за климатската криза. И пазарната вредност на компанијата се распадна за неверојатни 267 милијарди долари во однос на врвот.

Најновото понижување за Ексон: Компанијата се исфрла од Дау џонс индастријал авериџ (берзански индекс што ги мери перформансите на берзата на 30 големи компании во САД), ексклузивен индекс чиј што дел е веќе 92 години. Соодветно, со оглед на промените во богатството во модерната економија и берзата, Ексон е заменет со технолошка компанија: Salesforce. Шеврон, на крајот, поуспешна компанија од Ексон, сега е единствената нафтена компанија во Дау.

„Тоа е прилично симболично“, вели Стјуарт Гликман, енергетски аналитичар во ЦФРА истражување. „Тоа е признание дека енергетскиот сектор е далеку од она што беше порано“.

Енергетскиот сектор сочинуваше 16 отсто од С & П 500 во 2008 г. Денес, енергетската индустрија сочинува само 2,5 отсто од С & П 500.

Таа промена ја одразува трансформацијата на американската економија во корист на технологијата – и моментумот на пазарот во таа насока, исто така. Не е тајна дека многу технолошки компании, вклучително и Амазон, Епл и Зум напредуваат во текот на пандемијата.

Спротивно на тоа, нафтените компании се уништени од падот на цените, кои за кратко време за прв пат беа негативни, како и поради колапсот на побарувачката.

Сомнежи за дивиденди во Ексон

Но, потресите во Дау не се само поради маките на енергетската индустрија пошироко. Станува збор за превирањата во Ексон, конкретно.

Кога американските акции потонаа на 23 март, Ексон се тргуваше на најниското ниво во последните речиси 18 години. Иако Ексон се поврати заедно со поширокиот пазар, неговите акции годинава останаа подолу за 40 отсто. Спротивно на тоа, Шеврон се спушти само за 28 отсто.

Ова ја рефлектира поголемата самодоверба во можноста Шеврон да заработи пари во овој бурен период и безбедноста на посакуваната дивиденда на таа компанија.

„Шеврон беше поконзервативен со својот биланс. Го одржуваше многу чисто“, вели Џејсон Гамел, енергетски аналитичар во „Џеферис.

Ексон гордо ја зголемуваше својата дивиденда 37 години по ред со што компанијата стана членка на т.н. аристократската дивидендска група. Но, аналитичарите велат дека оваа низа сега е во опасност.

Минатата година, Ексон се потпираше на продажба на средства и на задолжувања за да покрие 64 отсто од исплатата на дивиденда, според Институтот за енергетска економија и финансиска анализа. Тоа е далеку над 10-годишниот просек на компанијата од 30 отсто.

„Историски гледано, Ексон беше веројатно најефикасната компанија во нафтениот и гасниот простор. Дивидендата, која беше многу податлива за нив кога паричните текови беа посилни, стана повеќе товар“, вели Гликман од ЦФРА.

Доцна за шкрилци, лош облог за бензин

Семето за овие борби беше посеано пред години.

Во 2009 година, Ексон исплати 41 милијарди американски долари за купување на гигантот за природен гас XTO Energy. Тој договор се покажа како многу лошо временски темпиран затоа што цените на природниот гас се спуштија и никогаш не закрепнаа.

Ексон – и Шеврон во помала мерка – првично не успеаја да профитираат од епскиот бум на нафтата што се добиваше во нивниот двор. Во тој поглед, Ексон сигурно сакаше да купи земја во Пермскиот басен во Западен Тексас, наместо да троши многу на скапи проекти за дупчење во длабоки води во Русија и во нафтените песоци во Канада – ниту едно од нив не се погоди.

„Ексон и Шеврон задоцнија во играта“, вели Гликман.

Овие грешки го принудија Ексон да се обиде да надомести. Во време кога Вол Стрит бара дисциплина од нафтените компании, Ексон троши многу за да го засили своето производство во Пермјан и да развива проекти во странство.

„На пазарот не му се допадна таа стратегија со оглед на тоа што повеќето други се обидоа да вратат повеќе пари на акционерите“, вели Гамел.

Добрата вест е дека некои од тие облози во странство конечно се исплаќаат.

Инвестициите на Ексон во Гвајана би можеле да се покажат како профитабилни бидејќи тој регион се очекува да се претвори во главен извор на раст на компанијата во рамките на оваа линија. Ексон проценува дека во Гвајана има повеќе од 8 милијарди барели нафта. Но, ќе треба време и пари да се претворат овие барели во приход.

„Проблемот за Ексон е што инвеститорите не ги вреднуваат енергетските компании врз основа на резултатите од 2023 година. Туку, со она што можете да го направите за нас во 2021 година“, вели Гликман.

Проблемот на Ексон со Тесла

Сепак, дури и ако Гвајана се покаже како победа за Ексон, компанијата се соочува со тешка битка поради климатската криза.

Ексон е најпозната компанија во индустријата за фосилни горива во време кога инвеститорите би сакале да се обложуваат на сонце, ветер и на „Тесла“.

Иако европските нафтени компании, вклучително и БП и Тотал, агресивно инвестираа во обновлива енергија и поставија смели цели за емисиите на гасови, напорите на Ексон се многу повеќе придушени.

„Тоа е ПР проблем за енергетските компании“, вели Бен Кук, портфолио менаџер во фондот за енергетика „Хенеси“. „Може да сте дел од решението или да ве перцепираат како дел од проблемот“.

Се разбира, повеќето аналитичари не предвидуваат дека побарувачката за нафта ќе исчезне преку ноќ. Но, постепената смена на суровата нафта значи дека ќе напредуваат само најквалитетните нафтени компании. И премногу често во текот на изминатата деценија, тоа не беше Ексон. (Си-ен-ен)