Почна демонтажа на две хидроцентрали на Шар Планина
Во координација со надлежните државни институции почна демонтажата и изнесувањето на цевководите од малите хидроцентрали „Пена 84“ и „Пена 85“ во долината на Лешница, соопшти Националниот парк Шар Планина.
Оттаму оценуват дека станува збор за значаен чекор кон обновување на природниот екосистем.
„Природата не се чува само со зборови. Таа се чува со дела, со знаење, со истрајност и со храброст да се донесат одлуки во нејзин интерес. На денешниот Светски ден на заштитата на природата сакаме со јавноста да споделиме една вест што претставува значаен чекор за иднината на Шар Планина. Во координација со надлежните државни институции, во тек е сложена операција за демонтажа и за изнесување на цевководите од малите хидроцентрали во долината на Лешница. Многу планинари, љубители на природата и посетители кои во изминатите три недели ја посетија Лешница беа сведоци дека на терен се работи. Денес, на овој симболичен ден, сакаме официјално да споделиме дека почна првиот чекор кон враќање на природата во нејзината првобитна состојба“, соопшти НП Шар Планина.
Според НП Шар Планина, ова е резултат на долг и посветен институционален процес, во кој установата доследно ги застапуваше стручните, законските и природозаштитните аргументи пред сите надлежни институции, со јасна цел – заштита на долината на Лешница и зачувување на природните вредности на Шар Планина.
„Нашите ставови отсекогаш беа јасни и засновани на законската рамка и на стручните документи. Планот за управување со Национален парк Шар Планина јасно утврдува дека изградба на нови хидроелектрани не е дозволена во ниту една зона на заштита, бидејќи тие претставуваат една од најзначајните закани за природните вредности и за речните екосистеми. Долината на Лешница е подрачје со исклучителни природни вредности, дел од идната Натура 2000 мрежа и Емералд подрачје, чија заштита претставува и национална и меѓународна обврска. Истовремено, Националниот парк побара враќање на реката Пена во нејзината природна состојба, што подразбира целосна демонтажа на поставените цевководи, нивно изнесување надвор од границите на Националниот парк, отстранување на бетонските конструкции и постепена обнова на природниот речен екосистем“ велат од Националниот парк.
Цевките се носат до паркингот на ски центарот „Попова Шапка“, од каде ќе бидат преземени за понатамошни постапки.