Почина Мирослав Наумовски – Лав, доајенот на македонското спортско новинарство


По кратко боледување, денеска во Скопје, почина доајенот на македонското спортско новинарство, Мирослав Наумовски – Лав, објави Екипа.мк.

Наумовски патот кон спортското новинарство го мина најпрво и како активен спортист, член на првата ракометна генерација на РК Вардар притоа со настапи и за младинската репрезентација на Македонија во рамките на поранешна СФРЈ. Со македонската репрезентација станал пионерски првак на поранешна СФРЈ. Во 1962 година е прв на младинското првенство на СФРЈ, а во 1965 година и национален првак во младинска конкуренција. Бил дел и од младинската репрезентација на СФРЈ (заедно со генерацијата на Поповиќ, Прибаниќ, Покрајац, Каралиќ…).

На иницијатива на Наумоски низ првите години на независна Македонија беше формиран првиот спортски магазин во Македонија, „Скок“ а тој беше и прв негов Главен и одговорен уредник. Беше иницијаторот и најзаслужниот што по долги години пауза во деведесеттите години од минатиот век повторно се возобнови Охридскиот пливачки маратон.

Заедно со Васил Тупурковски, го основаат Македонскиот олимписки комитет (МОК) и станува член на Собранието на МОК, на Управниот одбор на МОК и Претседател на МОК Маркетинг, каде и ги минува последните години од својот работен век.