Почеток или крај


ЛЕЈЛА САБИТ

Не го гледаме крајот, а се плашиме од новиот почеток.

А зошто, се што има почеток, мора да има и крај?

Тоа значи дека се што ќе се роди, мора и да умре?

И зошто Оливер Драгојевиќ пееше: Зошто, се што е убаво, има крај?

Всушност, никогаш нема крај за новите почетоци.

Ама и она што го викаме почеток често е крај.

А и некогаш од силни обврски, не гледаме дека на нешто му дошло крај, ниту пак, дека нешто отпочнало.

За некој, пак, крајот, му отвара пат за нов почеток на друг, а пак за некој почетокот, му става крај на некој друг.

И така се вртиме во круг, зашто за некој победата значи пораз за другиот, или поразот на првиот му носи победа на вториот.

Велат, за се си има време и се во свое време. Кој знаел, подобро поминал, кој не, учел низ животот.

Кога сте млади, му се радувате на почетокот.

Како што врват годините, му се радувате на заслужениот крај.

И кога ќе се искачите на врвот, пак морате да почнете од почеток за да го освоите.

И во работата и во животот.

За некој почетокот е лесен, а на последните скали најтешко се искачува.

За друг, почетокот е тежок, но е десет пати покорисен од лесниот почеток.

Дали ова што ни се случува е предупредување за крај или за нов почеток?

Дали  ова што ни се случува е реално или виртуелно, вистински или кобајаги, на сон или на јаве, фантазија или вистинска приказна?

Зошто секаде каде има херои мора да има жртви, зошто паметните мора да се во пар со идиотите, зошто на еден крај од светот се радуваат што се излечиле, а на другиот крај-плачат што ги изгубиле најсаканите?

Се додека мислиме дека нам тоа не може да ни се случи, само на некои други, далечни и непознати, ќе се однесуваме неодговорно и ноншалантно, ќе ставаме лајкови или дислајкови на туѓи карантински приказни, и ќе плачеме утре, како што велеше Вивиен Ли во „Однесено со виорот“. Ако не сте го гледале филмот, време е.