По 100 евра за секој над 16 години – Малта одвојува 50 милиони за поттикнување на потрошувачката


Владата на Малта соопшти дека ќе одвои 50 милиони евра за издавање ваучери во вредност од 100 евра за секој граѓанин над 16-годишна возраст со цел да ја поттикне потрошувачката по вонредната ситуација предизвикана од пандемијата на корона вирусот.

– Ова е мерка што ќе влијае на сите, компаниите, семејствата и работниците – рече премиерот на Малта, Роберт Абела, на прес-конференција.

Министерот за економија Силвио Шембри прецизираше дека ваучери во вредност од 60 евра ќе можат да се трошат во ресторани и во туристички капацитети, а ваучери во вредност од 40 евра се наменети за потрошувачка во продавници и за други услуги.

Околу 25.000 компании ги исполнуваат условите за примање плаќања преку ваучери, пренесува Ројтерс.

Малта, која исто така се обидува да ги поттикне трошењата на туристите, објави минатиот месец дека ќе им плати на туристите до 200 евра доколку останат на островот најмалку три дена.

Сумата што ќе ја добијат туристите зависи од хотелот во кој престојуваат.