Плата од над 70 илјади денари за директорот на Агенцијата за „двојазичност“

Плата од над 70 илјади денари му е одредена на директорот на новата Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, чие формирање е предвидено со Законот за употреба на јазиците.

Со дополнување на Одлуката за утврдување коефициенти на функционери што се избрани или именувани од владата на новиот директор на Агенцијата му е одреден коефициент на плата „три“, што значи дека неговите месечни нето-примања ќе бидат околу 72 илјади денари, со оглед на висината на просечната плата во земјава.

Одлуката што владата ја донела на 1 април  е објавена во „Служебн весник“ на  8 овој месец, со назнака дека таа, практично, ќе важи ретроактивно, така што ќе важи од 25 февруари, односно откако Илбер Села беше именуван за директор на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците.

-Именувањето е извршено во согласност со законските прописи, а конкурсот за избор за директор на Агенцијата беше отпочнат и завршен пред распишување на претседателските избори, соопштија тогаш од Владата.

Законот за јазиците стапи во сила во јануари. Со ова, покрај македонскиот, во институциите службен јазик станува и албанскиот јазик, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт.