Писател во Полска обвинет затоа што го нарече претседателот „морон“

Јакуб Жулчик се соочува со затворска казна за навреда на Анджеј Дуда околу неговите коментари за победата на Џо Бајден
Полски писател се соочува со можна затворска казна за навреда на претседателот Анджеј Дуда нарекувајќи го „морон“ во врска со коментарите што тој ги даде за изборната победа на Џо Бајден во САД
Јакуб Жулчик, сценарист на една популарна ТВ серија, рече дека обвинителството го обвинило според член во кривичниот законик за навреда на шефот на државата преку објава на Фејсбук.
„Се сомневам дека сум првиот писател во оваа земја по многу долго време на кој ми се суди за она што го напиша“, рече тој на Фејсбук.
Во својата објава на 7 ноември минатата година, Жулчик коментираше еден чудно формулиран твит во кој Дуда му честиташе на Бајден за неговата „успешна претседателска кампања“, но рече дека ја чека „номинацијата од електорскиот колеџ“
Дуда, кој е поддржан од популистичката партија на десницата Право и правда, беше близок сојузник на претходникот на Бајден, Доналд Трамп.
Александра Скржиниарж, портпарол на окружното обвинителство во Варшава, за полската новинска агенција ПАП во понеделникот изјави дека е подигнато обвинение против еден човек, именувајќи го само како „Јакуб Ж“.
„Обвинетиот беше обвинет за извршено дело на јавно навреда на 7 ноември минатата година на веб-страница за социјално вмрежување против претседателот на Република Полска, со употреба на термин вообичаено признаен како навредлив“, рече портпаролката.
Таа додаде дека обвинението е поднесено на почетокот на овој месец и дека осомничениот бил испрашуван, но „не признал дека го извршил наводното дело и даде објаснувања“.
Во својот пост, објавен во деновите непосредно по изборите на 3 ноември, Жулчик рече дека „не постои такво нешто како ‘номинација од страна на електорскиот колеџ’“, додавајќи дека потврдата на Бајден за претседател на САД е „обична формалност“.
„Анджеј Дуда е морон“, се вели во објавата. (АФП)