Петровска: Груевски нема да влезе во затвор, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поништи сите обвиненија


 
Никола Груевски, нема да влезе во затвор затоа што ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и работи веќе неколку месеци наназад да ги поништи сите одлуки или сите обвиненија кои на кој било начин може да му наштетат, порача пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во гостување во емисијата „24 анализа“.
 
Петровска оцени дека постои јасна политичка позадина во изјавите на власта во однос на евентуалното враќање на Груевски.
 
„Изјавата на премиерот дека, доколку Груевски се врати, ќе биде веднаш спроведен во затвор, е порака ’не се враќај‘, барем сè додека теренот не е спремен за твое враќање како слободен граѓанин“, рече Петровска.
 
Петровска зборуваше и за политичките случувања во Унгарија, падот на режимот на Орбан, што отвора сериозни прашања кај нас, имајќи ги предвид блиските односи на Унгарија со претходните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
 
„Во периодот што следи ќе се отворат многу работи кои се поврзани и со ВМРО и со актуелната влада“, потенцираше Петровска. Според неа, овие процеси треба да се анализираат низ призма на државниот интерес, а не на партиската припадност.
 
„До промената на власта во Унгарија ние имавме еден тоталитарен режим којшто отскокнуваше од сето она што се случуваше во останатите земји членки на ЕУ. Меѓутоа, волку долгорочно, единствено беше Унгарија која во клучни моменти знаеше да биде блокатор на тоа што значи добро и за земјите кои се надвор од Европската Унија, меѓутоа и за земјите кои се внатре “, рече Петровска.