Петрова-Чамова вели дека со Муцунски зборувала на бугарски


 

Бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова, изјави дека ќор-сокакот за македонскиот пат кон ЕУ е во „недостатокот на политичка волја за исполнување на преземените обврски“ од страна на Скопје.

Како што јавуваат бугарските медиуми, Петрова нагласила дека договорите не се билатерални, туку европско прашање и сите лидери на ЕУ биле категорични оти единствениот пат напред за Скопје е да ги исполни веќе преземените обврски.

„Тажно е да се види дека четири години подоцна, договор постигнат на европско ниво и поддржан со одлука на Собранието на Република Северна Македонија, сè уште не може да се спроведе поради недостаток на политичка волја“, рече таа.

Според неа, „ако политиката се темели целосно на антитезата, а не на проевропска теза, нормално е да се бара излез од ваквите договори. Не станува збор нужно само за влијание на Србија. Во интерес на многу други земји е да има конфликт меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската унија. Таква причинско-последична врска може да се бара на многу нивоа, но конечниот резултат е важен. Политичка волја е потребна кога се прават вакви договори. Ако таа недостасува и е полесно да се изгради политика врз основа на антитезата, тогаш нема да стигнеме многу далеку“, рече Петрова-Чамова.

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова вчера одговараше на англиски на прашања на бугарските новинари, а Петрова-Чамова рече дека со нејзиниот колега Тимчо Муцунски зборувала на бугарски и одлично се разбирале.

„Никогаш не сум се сретнала со неа. Во моите разговори со министерот за надворешни работи (Тимчо Муцунски) зборувам бугарски и се сложуваме одлично“, рече и министерката за надворешни работи.

Таа повтори дека Софија не поставува нови барања надвор од оние договорени на европско ниво. „Покажавме целосна подготвеност да обезбедиме предвидливост и јасни критериуми за тоа што треба да се направи. Се надевам дека другата страна ќе се движи кон спроведување на договореното, а не кон обиди за избегнување на одговорност“, рече таа.

„Постои одлука на Народното собрание од 2025 година дека Бугарија сака да се спроведе само европскиот консензус од 2022 година. Не знам каков посилен сигнал може да се даде. Ова е единственото нешто што го сакаме“, рече Петрова-Чамова.