Петар Арсовски: СДСМ е на главниот терен, а ВМРО-ДПМНЕ на трибина


Во овие пандемски времиња сите треба внимателно да  ги одмеруваат своите акции, реакции и „дозата“ на информации што ги лиферуваат во јавноста, вели Александар Кржаловски

 

Слободанка Јовановска

 

 

Хистерија, го нарече Петар Арсовски, политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ откако почна здравствената криза во земјата. Тврдењата дека ни се распаѓа здравствениот систем, дека има само 100 вакцини, дека се профитира врз здравјето на нацијата, дека имаме најголем број умрени по глава на жител во регионот, а најмал број на тестирања и други вакви црни оценки покренаа дури и повици обвинителството да се справи со ширењето на лажни вести и кревањето паника од страна на опозицијата.

Хистерија, го нарече Петар Арсовски, политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ откако почна здравствената криза во земјата. Тврдењата дека ни се распаѓа здравствениот систем, дека има само 100 вакцини, дека се профитира врз здравјето на нацијата, дека имаме најголем број умрени по глава на жител во регионот, а најмал број на тестирања и други вакви црни оценки покренаа дури и повици обвинителството да се справи со ширењето на лажни вести и кревањето паника од страна на опозицијата.

„Тие се реално во хистерија, зошто се надвор од приказната. Политичката криза претходно (пред сѐ ‘Рекет’) ги донесе на бината, а сега се надвор од неа. Тоа им пречи и затоа секојдневно ја зголемуваат и зголемуваат хистеријата, за да се вратат во политичката игра“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Според него, факт е дека кризата се случува во време на СДСМ и нормално е во вакви ситуации вниманието на јавноста да е насочено кон институциите, т.е. кон власта, така што СДСМ во моментов е на главниот терен, а ВМРО-ДПМНЕ на трибините. Ако се справи актуелната влада добро со кризата ќе добие политички поени, а тоа ја фрустрира ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се лоши вести за секоја опозиција, во секоја земја, смета Арсовски. Според него, треба да има критики, но не и хиперпродукција на политикански реакции кои се штетни, за што смета тој, се свесни и во самата ВМРО-ДПМНЕ.

Околу тоа дали во настапот на опозицијата има елементи на поттикнување паника, освен недоверба кон институциите и власта, Арсовски одговора:

„Ако се исклучи несреќната изјава на Христијан Мицкоски за 100-те тестови, не станува збор за кревање паника, туку за црна непринципиелна критика. Повеќе паника креваат ‘врачевите’, т.е.оние што пласираат лажни вести за тоа како се шири вирусот, како и со што треба да се лекува и слично. Но, ова е лошо време за политичка пропаганда бидејќи сега сите се ‘закачени’ за телевизиите и гледаат сѐ, така што таа им штети повеќе на тие што ја пласираат отколку на тие за кои е наменета. Луѓето почнуваат да ги презираат“, вели Арсовски.

Тој сепак не се согласува со повиците да се бара одговорност од тие што шират негативни и лажни вести околу епидемијата, иако вонредната состојба отвора простор за тоа.

„Во вонредна состојба се дозволени повеќе работи, но токму затоа и внимателноста треба да е многу поголема, макар и да има елементи за гонење“, смета Арсовски.

Околу тоа дали се претерани мерките за справување со епидемијата и дали тие се резултат и на „трката“ меѓу власта и опозицијата кој повеќе мерки ќе предложи за епидемијата, Арсовски одговори дека мерките се според препораките на СЗО, која бара тие да се зголемуваат ако се зголемува бројот на инфицирани во земјата.

„Власта сака со построги мерки да се справи побргу со епидемијата. А, кај нас бројот на заболени сѐ уште расте. Дилемата што се наметнува пред Владата е – леб или лек? Но, трпението на граѓаните нема долго да трае. Тие ќе почнат набрзо да негодуваат, така што натамошно радикализирање на мерките може да има контраефект. Според мене, за една недела мерките ќе почнат да попуштаат“, вели Арсовски.

За него срамота е што во ваква ситуација, кога нема пари да се подделат плати и  пензии, да им се исплатуваат пари на политичките партии.

„Во вакви времиња политичката активност е луксуз, кому му треба таа сега? Во ситуација на пандемија таа треба да се укине прва“, смета Арсовски, додавајќи дека опозицијата, а и некои од власта, очигледно не сакале да се откажат од буџетското финансирање за годинава.

За Алберт Муслиу ситуацијата е јасна – власта е таа што презема мерки и е одговорна. Ако ги спроведе добро, ќе има бенефит, ако не, ќе трпи политичка штета. Опозицијата може да помогне, но со совети и предлози, а не со кревање паника.

Околу мерките Муслиу смета дека се веќе нелогични и не се издржуваат, потсетувајќи дека во Кина по укинувањето на карантинот 300 парови чекале пред општинска зграда да се разведат. Според него, многу скоро со вакви мерки ќе почне да расте семејното насилство во државата. За него, политичките препукувања имаат второстепена улога во моментов.

„Во овие пандемски времиња сите треба внимателно да  ги одмеруваат своите акции, реакции и ‘дозата’, односно количината на информации што ги лиферуваат во јавноста, а особено нивниот квалитет – смислата за нивно објавување и посакуваниот ефект. Кампањата (или само видеото) на ВМРО-ДПМНЕ за состојбата со корона-вирусот кај нас, а особено атакот кон министерот Филипче, е непримерена и несоодветна за моментот во кој се наоѓаме и мислам дека, на крај, ќе е ѝ биде контрапродуктивна, бидејќи повеќе ќе се одрази на самите нив, отколку на СДСМ или Владата“, вели Александар Кржаловски од Меѓународниот центар за меѓународна соработка.

„Тоа не значи дека критика не е потребна и дека не се оправдани нивните жалби што не се земени предвид нивните предложени мерки за справување со ситуацијава, но некој сега да троши време и ресурси да осмисли и да реализира вакво нешто, е во најмала рака чудно“, вели Кржаловски.

Сепак, тој смета дека треба да се поздрави нивниот напор за обезбедување на помошта од Словенија и Унгарија.

„Колку и да мислиме за Јанша и Орбан дека се ‘диктатори’ и колку и сето ова да е повеќе со пропагандна цел, сепак сега имаме 200.000 маски повеќе отколку пред некој ден и 10.000 заштитни облеки, а тоа се меѓу најпотребните работи. Ќе беше добро да испратеа и тестови за корона вирус, ама ‘на подарокот да не му гледаме во забите’. И, тука за критика е владината прес-служба за непотребниот обид да се присвои нешто што некој друг го издејствувал како помош за сите нас во оваа ситуација. И Јанша и Сијарто потврдија од каде дошла иницијативата“, вели  Кржаловски.

Според него, тешко е во оваа ситуација да се остане објективен набљудувач, особено кога сите сме загрозени лично и кога секој од нас има свое мислење за повеќето или сите аспекти од кризата.

„Сметам дека Владата и особено министерот Филипче прилично добро се справуваат со ситуацијата, но исто така сметам дека се потфрли со тестирањата, иако сум свесен дека сме располагале со многу малку тестови досега. Нема многу смисла и повикот ‘седи дома’ кога преку ден е врвулица секаде, а на градилиштата, на пример, се работи како ништо да не се случува и сите работници се без никаква заштита. Исто така, најавената целосна забрана за викендов, освен што противречи на барем неколку човекови права и слободи, нема ни многу смисла, зашто сите ќе се раздвижиме потоа и нема да се постигне стопирање на заразата. Напротив, на многу места (како секој ден пред банките и во клучните периоди во супермаркетите) се стимулира поголема концентрација на луѓе“, вели Кржаловски.

Околу статистиките поврзани со кризата, кои се основа на критиките на опозицијата, Кржаловски вели дека се менуваат на дневна основа и, на пример, во тоа што бевме меѓу најлошите мината недела (тестови) сега сме меѓу најдобрите, ама пак во тоа што бевме подобри (случаи и смртност), сега сме меѓу најлошите во регионот. А сето тоа, пак може да биде сосема различно за недела – две.

„Реалните анализи ќе може да се направат само на крај, откако ќе помине кризата, бидејќи сега и самите мерки што се преземаат се со дејство меѓу 1-3 недели, а нивните резултатите не се многу релевантни“, оценува Кржаловски.