Пентагон и воените кругови шокирани од предлогот на Трамп водителот на Фокс њуз да биде секретар за одбрана
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го запрепасти Пентагон и пошироките кругови во одбранбениот свет со номинирање на водителот на Фокс Њуз, Пит Хегсет за секретар за одбрана, бидејќи на чело на најголемата и најмоќната војска во светот доаѓа некој со недоволно искуство на глобалната сцена, наведуваат американски медиуми.
Одлуката на републиканецот Трамп да го направи Хегсет секретар за одбрана во неговата администрација откако тој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари беше дочекана со неверување и загриженост кај многумина во Вашингтон, бидејќи Трамп заобиколи голем број истакнати личности за национална безбедност и избра мајор на Националната гарда познат во конзервативните кругови како водител на каналот Фокс Њуз.
Додека некои републикански пратеници не го коментираа изборот на Трамп, други го посочија военото искуство на Хегсет како предност или рекоа дека е „исклучително способен“.
Изборот на Хегсет може да донесе радикални промени во американската војска – тој јасно стави до знаење во неговата емисија и во интервјуа дека, како и Трамп, се противи на таканаречените програми „воук“ што промовираат еднаквост и вклученост и ја доведуваат во прашање улогата на жените во војна и се залага за амнестија за воен персонал обвинет за воени злосторства.
Во јуни, на митинг во Лас Вегас, Трамп ги охрабри поддржувачите да ја купат книгата на Хегсет и рече дека ако победи на претседателските избори, „воук – приказната ќе исчезне во рок од 24 часа“.
Хегсет, 44-годишен тврдокорен конзервативец кој ја промовира политиката на Трамп се залага да се направи војската посмртоносна и во едно интервју рече дека дозволувањето на жените да одат во војна ја повредува таа цел.
„Се во врска со заедничќко служење војска на мажите и жените ја прави ситуацијата покомплицирана, а компликации во војна значи повеќе жртви“, рече Хегсет.