Пеколните горештини продолжуваат и следната недела – температури до 40 степени Целзиусови
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за утре најавува сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност и температури до 39 степени Целзиусови.
Оттаму посочуваат дека попладнето, во планинските региони, ќе има услови за краткотраен дожд и ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец и максимална дневна температура до 38 степени.
Од УХМР додаваат дека периодот на сончево и многу топло време ќе продолжи и во следните денови, а дневната температура во некои места ќе достигне до 40 степени Целзиусови.
