Двајца државјани на Србија се тешко повредени во сообраќајката на патот Прилеп-Битола


БИТОЛА – Двајца државјани на Србија се тешко повредени во сообраќајната незгода што утрово се случи на патот Прилеп-Битола, дознава „Независен“. Еден од повредните според неофицијални извори наводно бил со дипломатски пасош, вработен во Министерството за надворешни работи на Србија. 

„Независен“ дознава дека итна операција е изведена на еден од српските државјани, додека операционен зафат ќе следи и за другиот српски државјанин.

Од Клиничката болница Битола не откриваат детали, само потврдија дека од вкупно девет повредени во судирот на четири возила, шестмина се на Одделот за хирургија, а тројца се пуштени на домашно лекување. Врз еден од повредните во тек е операција, додека по прегледите, хируршки зафат ќе биде изведен и врз уште еден од повредените во сообраќајката.

Од Клиничката болница во Битола велат дека засега сите повредени се во стабилна состојба. 

Од ОЈО Битола информираат – Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид и даде повеќе наредби и насоки за целосно испитување на причините за несреќата. 

СВР Битола се уште не излезе со детали за несреќата. 

Сообраќајната незгода се случи утрово по што АМСМ информира дека од 9 часот утринава во целосен прекин е сообраќајот на магистралниот пат А3, на делницата Битола–Прилеп, во близина на мостот на реката Шемница, поради сообраќајна незгода. Засега нема информации кога ќе биде воспоставен нормален сообраќај на оваа делница. (А.Б)