„Патриотите“ сега ќе бараат мислење од правни експерти: Филипче за законот за двојното државјанство
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека дека со ретерирањето на премиерот Христијан Мицкоски во однос на уставноста на законот за двојни државјанства поднесен од неговата партија, се разобличува уште една лага на ВМРО-ДПМНЕ.
„Премиерот ќе барал мислење од правни експерти. Зошто не побарале претходно? Зошто не побарале мислење од правни експерти пред пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат тој закон во Собранието“, рече Филипче.
Според него, СДСМ ги пресретнале и разобличиле вмровците. „Уште една нивна лага, уште еден нивен лажен патриотизам. Кога дадовме амандмани и најавивме дека тој предлог-закон ќе важи и за актуелниот пратенички состав, а не како што тие сакаа за од следните пратенички состави, и кога го поднесовме и нашиот предлог-закон да членови на влада немаат двојни државјанства, затоа што секогаш е големо прашање за чии интереси и чии интереси штитат работат пратениците коишто имаат двојни државјанства, тие постепено ретерираат“, рече Филипче.
Тој додаде дека лажниот патриотизам на Мицкоски и неговиот коалционен партнер ЗНАМ излегува на виделина секојдневно во овие речиси две две години од нивното владеење, а суштината е дека се всушност една организирана криминална група.
„Толку од лажните патриоти. Толку од лажниот патриот Мицкоски, којшто ќе го враќаше името, ќе го поништуваше Преспанскиот договор, ќе го поништуваше Договорот за добрососедство со Бугарија. Што е суштината на нивното владеење? Тие се една организирана криминална група, заедно со нивниот привезок ЗНАМ. ВМРО-ДПМНЕ којшто ги предадоа националните интереси и довербата на гласачите. Од такви предавници не може да се очекува да водат држава како што треба, а најмалку што може да се очекува да се патриоти. Станува збор за предавници на националните интереси, на интересите на земјата и на интересите на граѓаните“, рече Филипче.