Патрик Мартенс: Рецесијата ќе ја погоди Македонија, но нема да се затвораат фабрики


Делегацијата на германското стопанство работи во Скопје веќе 19 години како застапништво на Унијата на германските комори за индустрија и трговија во Берлин. Нејзиниот директор Патрик Мартенс се грижи над 200 компании кои се членки на Македонско-германското стопанско здружение да добијат навремена и точна логистика од сите сегменти на работењето во Македонија.

Германија е во техничка рецесија. Како ќе се одрази тоа врз Македонија?

– Во Германија веќе се чувствува рецесијата и ги имаме првите реакции. Компании, како што е компанијата „Континентал“ отпушти 20.000 работници, „Фолксваген“ отпушти 30.000 работници, Бе-ем-ве ќе го намали бројот за 6.000 работници. Притисокот за намалување на трошоците на компаниите расте. Земји кои се скапи за работодавците не се поволни. Високите трошоци за плати, договорени меѓу синдикатите не се погодни за компаниите. Како ќе се развива од оваа перспектива, не можеме да кажеме. Исто така, не можеме да предвидиме дали ќе се случи истото сценарио од 2008 година кога беше финансиската криза. Рецесија се случува кога има долгорочен напредок. 10 години имавме позитивен напредок во стопанството, одеше нагоре. Очекувано е сега да има пад. Тоа е како да имате балон, и кога ќе се преполни со воздух, ќе почне полека да се издишува. Тоа е прочистување.

Во 2008 Македонија воопшто не беше погодена од рецесијата и финансиската криза бидејќи тогаш немаше реален приклучок како земја што придонесува во светската индустрија. Особено се радувам дека во изминатите 10 години навистина се промени стопанството во Македонија, односно самата индустрија. Имаме инвеститори што се повеќе години тука и веќе го постигнаа максимумот во развојот. Но дел од инвеститорите што се во земјата ги продлабочуваат своите инвестиции, а особено ме радува дека имаме и нови инвестиции што доаѓаат. Овој пат рецесијата ќе ја погоди Македонија. Што значи тоа поточно? Дека налозите што ги добиваат компаниите инвеститори во земјата ќе се намалат. Но рецесијата може да има и позитивен исход за Македонија. Во Македонија сè уште го немаме оној притисок во однос на висината на трошоците. Македонија како пазар за инвеститорите сè уште е привлечна и конкурентна. Првично ќе дојде до затворање на фабрики во Германија, но тоа нема да се одрази на пазарот во Македонија, нема да се затворат фабрики тука, во земјава.

Бидејќи првиот удар на рецесијата е врз автомобилската индустрија, дали и тоа не би ни се одразило?

– Рецесијата ќе ја погоди автомобилската индустрија на глобално ниво. Ќе се намали бројот на автомобили што се произведуваат. Производители што прават конкретни делови за автомобилска индустрија, може да очекуваат дека ќе треба да ги намалат испораките. Но она што засега е сигурно е дека тие имаат и долгорочно испланирани нарачки, уште пред да настане глобалната криза, кои им се потврдени. Македонија не се наоѓа во опасност од глобалната криза на автомобилската индустрија бидејќи е сè уште е атрактивна како локација за инвеститорите во однос на тоа колку чини производството во Македонија. Таа не важи како земја која е скапа за производство.

Кој е главен проблем со кој се соочуваат германските компании во Македонија?

– Првите инвеститори што дојдоа во земјата бараа работници кои ќе работат трудоинтензивна работа, за која не беа потребни посебни квалификации. По 10 години овие работници се интегрирани во индустријата. Веќе не се наоѓаат лесно голем број работници кои се невработени и без квалификации. Ги имаме и другите инвеститори на кои им се потребни работници со повисоки квалификации, инженери, работници со техничко образование. Инженери има во Македонија, техничари помалку. Кога го добивме сигналот од компаниите дека има недостиг од техничко образовани лица, го почнавме проектот за дуално стручно образование. Тоа е четиригодишно средно образование, учениците по завршувањето се матуранти. Има два правци, машинист и мехатроничар. На овој проект се приклучија 10 компании и се спроведува во пет града.

Само работниците се проблем во Македонија?

– Работниците не се проблем, туку достапните работници. Но тоа е глобален проблем. Со културолошките промени на цивилизацијата, поставувањето на други приоритети, знаењето на слободното време на индивидуата и желбата за самореализирање, сè повеќе од луѓето се одлутуваат за професии што се поврзани со социјалните науки, но тоа се професии што реално не се од голем интерес на пазарот на трудот. Сè тоа повторно влијае на целото стопанство, од наоѓањето работа до плаќањето даноци. Тоа е сега тренд што го има во цела Европа.

Друго што ги интересира германските инвеститори во Македонија е даночната политика поврзана со трошоците за плати и придонеси, сигурноста за долгорочно планирање и независното судство. Само со независно судство може да имате долгорочна стабилност во една држава.

Каков е ставот на Германската комора за субвенционирањето на придонесите и за најавеното зголемување на минималната плата?

– Особено важно е компаниите навреме да се контактираат и информираат за сите планирани промени. Минатата година имаше промени кај рамниот данок, донесени без дијалог со компаниите, кои многу време однапред ги планираат буџетите за следните години. Зголемените трошоци воопшто не беа предвидени во буџетот за тековната година на фирмите.

Најголем дел од германските инвеститори даваат повисока плата од минималната. Зголемувањето на платите треба да оди паралелно со зголемувањето на продуктивноста на работниците. Јас ја разбирам Владата. Причината поради која смета дека треба да се зголеми минималната плата е заминувањето на младите од земјата. Но сметам дека не се во прашање само парите. Голем број млади луѓе ја напуштаат земјата поради здравствениот систем, образованието, состојбата на училиштата. Ако сте релативно млад човек на 45-годишна возраст и ви се случи срцев удар и не можете да си дозволите да се лекувате приватно туку во државните болници, може да се изложите на висок ризик поради условите во болниците.

Во февруарската анкета ниту една од компаниите германски инвестиции во Македонија не кажа дека Владата работи добро. Дали има промени во перцепцијата?

– Точно е дека компаниите не ја оценија Владата со највисоката оценка „добро“, туку најголем дел рекоа дека работи задоволително, дел од нив дека се помалку задоволни и неколку од нив и дадоа слаба оценка. Анкетата се спроведе по локалните избори, кога беа објавени дел од билатералните договори на некои инвеститори, што придонесе за нарушување на меѓусебната доверба. Тогаш се случија и даночните реформи, а компаниите сметаа дека Македонија сè уште не е подготвена за нив.

Во моментов компаниите се задоволни од работата на Владата. Се разбира, има кај поединечни компании доза на незадоволство по однос на некои обврски што се ставени во договорите, но не се испочитувани од Владата. Но тоа е кај поединечни компании. Она што го бараат компаниите е долгорочна стабилност, независно дали ќе дојде до промена на Владата, треба да се почитува договореното. И на двете страни интересот е заеднички, за напредок.

Во Белата книга на странските инвеститори, многу забелешки беа адресирани на администрацијата. Каде се проблемите?

– Германските компании што доаѓаат како инвеститори во Северна Македонија и кои најмногу се во индустриските зони немаат проблеми со администрацијата. Тие доаѓаат, инвестираат 15, 20, 30 милиони евра во државата, соработуваат со нашата канцеларија, а Делегацијата на германското стопанство во најголем дел го презема административниот дел за нив, од регистрација на компанија до регрутација на кадри, основање на компанијата, правно и даночно советување. Такви проблеми повеќе имаат локалните компании, кои тргуваат со Германија и имаат директен однос со администрацијата. Ние како Делегација немаме проблеми со администрацијата.

Се прават грешки. Некогаш и компаниите прават грешки. Во такви случаи ние стапуваме во контакт со Владата и досега секогаш имало волја кај Владата да им се помогне, сè што е во законски рамки да им се даде како помош.

Каква е состојбата со правата на работниците во компаниите со германски капитал во Македонија?

– Германските инвеститори што работата во земјата се со највисоките германски стандарди. Тие ги почитуваат националните закони. Една германска фамилијарна компанија што работи на глобално ниво кога доаѓа во нова земја прво се информира за законите и работничките права. Германските инвеститори, бидејќи поголемиот дел се фамилијарни компании, сакаат да поддржат етика што ја имаат во Германија и да одржат одредени стандарди. Голем број од работниците сакаат да работат во германските компании. Не е дека инвеститорите не сакаат да направат профит, но тие внимаваат на етиката во компаниите, работниците добиваат заштитна опрема, осигурани се, има медицински персонал што се грижи за нив. Сите услови се исполнети. Голем дел од инвеститорите поддржуваат детски градинки, болници, училишта, дел од нив и проектот за дуално образование. Начинот на кој се водат компаниите не е капиталистички туку е на заеднички интерес и задоволство.

Анита Салтировска