Патот за ЕУ е пат за никаде


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Сѐ што успеја досега Македонија на стратегиски план е благодарејќи на САД, сѐ што не успеа е благодарејќи на Европската унија 

 

Веќе дваесет години наназад патот за ЕУ на Македонија не води никаде. Се сеќава ли некој уште на Агендата 2000 со која нас, како единствена држава што излезе од бивша Југославија без војна, нѐ исфрлија од плановите за првите проширувања? Се сеќава ли сѐ уште некој за процесот за стабилизација, па за процесот за стабилизација и асоцијација, што беше измислен само за да се забави нашата евроинтеграција? Се сеќава ли уште некој дека бевме дел од некакво претпристапно партнерство, исто така измислено како посебен „ходник“ за тие што долго треба да останат во чекалната? Се сеќава ли некој сѐ уште дека имаше нешто што се викаше ХЛАД, дијалог на високо ниво за да се забрза божем нашиот прием во Европската унија? Се сеќава ли уште некој, без да провери, кога Македонија аплицираше за прват за членство во ЕУ и дека пробаа да нѐ обесхрабрат? Се сеќава ли некој кога го добивме првиот статус кандидат за членство измислен специјално за нас, а подоцна применет и на другите земји за Западен Балкан, со кој за првпат се даде ваков статус без да се дадат преговори?

Јасно ли ни е дека на нас за првпат беше применет и новиот метод на ЕУ – да добиеш одлука за преговори а да не знаеш кога ќе почнат – поради што опозицијата веќе две години му се потсмева на премиерот само затоа што тој, а и сите ние, верувавме дека конечно почнуваат преговорите со Унијата?

И знаете ли која е вчерашната изјава на бугарскиот амбасадор на состанокот во Брисел? Дека очекува „следните претседателства на ЕУ“ да најдат решение за спорот околу нашата историја со Бугарија, а притоа ниту еден амбасадор не бил вознемирен, изнервиран или на друг начин испровоциран да одговори на таквата позиција на Софија која го урива кредибилитетот на ЕУ, за кој божем им е гајле во земјите членки?

И свесен ли е нашиот државен врв дека германското претседателство успеја да најде компромис за сите спорни прашања, вклучувајќи го и буџетот, и да добие грб од Бугарија околу мекиот тон на санкциите за Турција, а единствено што не успеја е да најде начин како да помине одлуката за Македонија? И дека откако чекавме во јуни 2019 година да ни дадат датум кога ќе преговараме, па истото го чекавме во јуни оваа година, сега нѐ тешат да се стрпиме до следниот јуни. И, да правиме реформи додека не полудиме, зошто кога „некогаш“ ќе добиеме датум за преговори (кој можеби ќе стане датум за прво поглавје од преговори или нешто пострашно), многу бргу ќе сме завршеле со преговорите според новата методологија измислена да нѐ кочи, а не да нѐ турка напред. Знаеме ли ние дека следниот датум што ќе одбројуваме можен датум за преговори е јуни идната година, месец што заедно со декември треба да го избришеме од нашиот календар бидејќи се датуми кога трпиме најголеми понижувања.

Претседателот Стево Пендаровски вчера во Собранието нѐ увери дека, и покрај сѐ, нема да се откажеме од ЕУ и нема да бараме друга алтернатива, а истото го вети и  Владата, иако за првпат во нејзината реакција можеше да се прочита евроскептична реторика. Очигледно, за да си го задржи образот пред електоратот, Владата мора да покаже дека на европските ветувања веќе не им верува и дека најдобриот начин да опстои на функцијата е веќе да не ги исполнува европските, а особено не бугарските  барања. 

Реално, да не беа парите што стигаат редовно од Европската унија, иако најавите се многу поголеми од тоа што реално го добиваме од Брисел, одамна ќе креневме раце од чекањето на датумите. Треба да се биде многу наивен за да се верува дваесет години дека преговорите само што не почнале и дека за нас има некаква европерспектива, особено кога за еврокомесар ќе дојде кадар на најпроблематичната земја членка на Унијата, а во Скопје ќе дојде амбасадор од земја што излегува од Унијата.

Од оваа перспектива губење време е воопшто да се читаат вчерашните заклучоци за (не)проширување на Унијата. Памти ли некој воопшто што содржеле заклучоците пред тоа и колку се оствариле воопшто? И зошто тие заклучоци треба да бидат свето писмо за нас, а за одлуката за датум за Македонија сите да велат дека било „ветување“ што не го оствариле германското претседателство и Унијата, иако станува збор за заклучок на лидерите на Унијата, т.е. одлука на највисоко ниво? Само во ЕУ можат да се носат одлуки на вака високо ниво и потоа да се поплукаат, а нам да ни се продаваат приказни дека најсиромашната, најкорумпираната, најпроблематичната земја-членка во неа со историски комплекси од вселенска пропорција успеа да оддолее на притисоците на Германија, а никој не стои зад неа или барем не се заморува со таа тема. 

Од оваа перспектива, станува дискутабилно исто така зошто цела Европа се изреди во Македонија за да го протурка Преспанскиот договор, иако реално тој беше добар компромис и за нас. Целта не била да се откочи евроинтеграцијата на земјата и да се тргне последната пречка да ни се дадат преговори, туку да ѝ се помогне на земја-членка да си ги оствари своите потреби. Истото тоа го гледаме сега за Бугарија, која може да си ги оствари своите интереси во однос на Македонија само ако постои празното ветување од ЕУ дека некогаш ќе ни дадат преговори. И треба да се биде многу наивен па пак да се поверува дека ако направиме крупни отстапки и го решиме спорот со Бугарија, нема да дојде некој нов Макрон или некоја нова Софија или нема да се измисли некоја нова категорија – па секое поглавје да го отвораме или затвораме како историски процес за Македонија, а на крај да чекаме датум за крај на преговорите. 

Дури и времето да покаже дека не е така и дека се искрени намерите на Брисел околу евроинтеграцијата на Македонија, ова стратегиско одолговлекување веќе има страшни последици за нас како граѓани и за државата. Освен што губиме енормно време и енергија во перспектива што не се остварува, секое вето од ЕУ покренува нов бран на иселувања од Македонија, а државата место земја-членка станува некој вид модерна колонија на ЕУ од која црпи кадри, добива стратегиска надворешно-политичка поддршка, ја користи во судирот на интереси со други земји и индиректно нѐ држи во меѓународна изолација.

Кратко кажано, сѐ што постигна досега Македонија треба да им заблагодари на САД, кои од почетокот па досега не мрднаа ни милиметар од стратешките цели кон Македонија и, што е најважно, беа најсилниот гарант за независноста и нѐ внесоа во НАТО. Сѐ што не постигнавме и беше повод за огромни разочарувања и назадување во реформите, без сомнение беше резултат на политиката на Европската унија. И нека не ни кажуваат веќе од Брисел дека се исфрустрирани, разочарани, загрижени, засрамени, бидејќи ние подобро го знаеме значењето на тие зборови. Нека продолжат да даваат пари, нека бараат услуги, ама нека не нѐ мафтаат дека со Вархеи и со Јанша како претседавач сме во добри раце и дека вчерашните заклучоци биле сигнал за веродостојноста на проширувањето.

Како држава нема ни поента да се откажеме од преговорите за членство, бидејќи и така се само ветувања, според тоа што го говорат самите во Брисел. Место тоа, под итно ни треба план „Б“, колку и да нѐ уверува Михаел Рот дека не е така.