Партијата на Голоб неофицијален победник на изборите во Словенија
Владејачкото левичарско-либерално Движење за слобода освои најмногу гласови на 10-тите парламентарни избори од независноста на Словенија, според првата излезна анкета објавена вечерва.
Сите гласачки места, околу 3.000, беа затворени во 19, а излезноста до 16часот беше 50,37 проценти, околу еден процент повеќе од истиот период за време на последните парламентарни избори во 2022 година.
Првата излезна анкета објавена на словенечкиот јавен сервис покажува дека Движењето за слобода на премиерот Роберт Голоб победи со 29,9 проценти од гласовите, додека десничарската Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша освоила 2,4 проценти помалку.

Третата најсилна партија е десничарската Нова Словенија со 9,4 проценти, а Социјалдемократите со 6,7 проценти, Левица и партијата Весна со 6,3 проценти поддршка.
Излезна анкета подразбира дека гласачите им кажуваат на анкетарите за кого гласале откако ќе гласаат, па затоа се можни отстапувања од официјалните резултати.
Анкетата ја спроведе Медијан институтот на малку повеќе од 14.000 гласачи. Организацијата истакна дека за првпат од 1997 година и првите излезни анкети, голем број граѓани одбиле да учествуваат во неа.
„Нема да формираме слаби влади… Оние што сакаат влада како онаа што ја имавме досега, како што сугерираат овие резултати, можат да бидат среќни“, рече Јанша во седиштето на неговата партија, додавајќи дека ги чека конечните резултати.

Во анкетите на јавното мислење пред гласањето, конзервативците на Јанша долго време беа пред либералите на Голоб, но разликата неодамна се намали.
„Овие избори се важни“, изјави за АФП Петра Кладник, 40-годишна адвокатка, на гласачко место во главниот град Љубљана.Таа додаде дека видео-скандалот „имал силно влијание врз заедницата, но не и врз мојата денешна одлука“.
Под Голоб, Словенија го легализираше истополовиот брак и стана една од ретките земји на ЕУ што ја опиша војната на Израел во Газа како „геноцид“.
Во својата кампања, Јанша, 67, вети дека ќе ги стави Словенците „на чело“ и ќе ги врати „словенечките вредности“ како што е „традиционалното семејство“ и ќе „ја затвори цевката“ на државните пари за невладините организации кои се сметаат за политички партии.
„Словенечките гласачи ја имаат моќта на својот глас во свои раце само денес. И ако оваа моќ не се искористи, Словенија ќе се повлече назад наместо да ја стигне развиената Европа“, изјави тој за новинарите откако го даде својот глас.
Последната влада на трикратниот премиер Јанша – сојузник на националистичкиот унгарски премиер Виктор Орбан – доживеа масовни протести и критики од ЕУ поради загриженоста за владеењето на правото.
Тине Махер, 30, претприемач во областа на вештачката интелигенција и ИТ, изјави за АФП на гласачко место во Љубљана дека очекува „промена на владата, тоа е навистина неопходно. Имаше многу празни ветувања“.
Голоб оваа недела побара од ЕУ да истражи наводно мешање во изборите по објавувањето на видеата.Словенечките власти истражуваат дали израелската разузнавачка фирма „Блек Кјуб“ стои зад видеата, во кои, меѓу другите, се појавуваат словенечки лобист, адвокат и поранешен министер.Видеата наводно ги прикажуваат службените лица како предлагаат начини да се влијае врз донесувачите на одлуки во владата на Голоб за да се забрзаат процедурите или да се добијат договори.
Група на граѓанско општество, заедно со истражувачки новинар и двајца истражувачи, на почетокот од оваа недела го обвинија „Блек Кјуб“ дека стои зад видеата и ги поврзаа со партијата на Јанша. Јанша призна дека се сретнал со функционер на „Блек Кјуб“, но негираше дека стои зад видеата.