Пандемија и наши поведенија


Природата нѐ избрка и затвори во нашите домови и умови, закрепнувајќи од нашето дивјаштво и примитивизам, но давајќи ни шанса да размислиме во самотија и тишина за себе и светот околу нас

 

ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Три часот наутро е на веќе не знам кој ден, сите денови ми се исти, во третата недела на карантинот, изолација, вонредна состојба, пандемија, мозочна исхемија или шизофренија. Наречете ја како сакате оваа состојба и нема да згрешите. Единствено нешто што во мигов слушам е потполна тишина која зашеметува, затапува и плаши. Ова е не само лична и човечка состојба, ова е општествена состојба, состојба на човештвото. Затворени во себе, во своите станови и куќи, затворени во своите државни, но и интелектуални граници, збунети сме, загрижени, дезориентирани и уплашени.

Сиот начин на живот, меѓучовечките односи, работните навики, секојдневната рутина, сето она што сме го граделе како социјален живот, наеднаш, во миг престанаа да постојат. Во еден миг, без најава, без бучава, без помпа, громови и молњи, човештвото стивна под закана на нешто толку мало, невидливо и незамисливо. Корона вирусот успеа да го ничкоса човештвото како што никој пред тоа не успеал. И не само што нѐ клекна на коленици економски, социолошки, општествено и безбедносно, туку успева да нѐ менува и нас и начинот на живот кој до сега го познаваме. Никогаш ништо нема да биде исто во нашите животи затоа што сме биле сведоци и учесници на една ужасна војна, војна против корона вирусот, војна против самите себе и начинот на живеење и однесување со природата и светот околу себе.
Појавувањето на короната ја покажа кревкоста на луѓето, нивните општества и државите. Дури и во најбогатите и најорганизирани општества здравствениот систем доживеа колапс, покажувајќи дека сиот напредок е само привиден и лажен, организацијата и системот несоодветни и ранливи. Едноставно ниту здравствениот систем, ниту државите беа подготвени за ваква ситуација и покрај огромните буџети и фалењето на првите луѓе на министерствата за здравство. Најсовремените и најсовршените системи пукнаа и колабирала пред пандемијата и покажаа три работи – дека не се кадарни да одговорат на предизвикот, дека тешко се прилагодуваат на настанатата ситуација и дека многу лесно ги жртвуваат лекарите и постарите луѓе. Покрај ова општо чувство е и она дека ни самите доктори не се до крај сигурни со што се бориме и справуваме, начинот на пренесување, мерките и средствата за борба против невидливиот противник.
Држававите, исто така, не покажаа ниту подготвеност за справување со кризата ниту можност да се прилагодат на настанатата ситуација. Недостатокот на ракавици, маски, гелови за раце и средства за дезинфекција и траењето на таквата ситуација со недели е недозволиво и само ја покажува инертноста на државата и неможноста за брзо прилагодување кон настанатите итни ситуации. Ваквите слабости ги покажаа сите држави без исклучок.
Луѓето, очекувано, ги покажаа сите свои слабости и неможноста за учење на сопствените грешки. Непочитувањето на основните мерки за заштита, како самоизолацијата и одбегнување за собирање во поголеми групи, само ја покажа човечката неодговорност, слабоумост и себичност. Размислувањето, како и секогаш, дека ова му се случува на друг и баш ми е гајле, доминираше како став во почетокот, а за дел од најтврдокорните важи дури и во екот на пандемијата. Непочитувањето на полицискиот час само покажува дека не сме подготвени и свесни планетава да ја делиме со други, почитувајќи ги обврските кои важат за сите. Полуписменоста, необразованоста, безидејноста и инстант знаењето, комбинирани со неодговорноста и плиткоста во размислувањето и однесувањето, им ја направија изолацијата на некои луѓе неподнослива. Факт е дека изолацијата им падна тешко на сите, но еден дел знаат и можат квалитетно да се справат со неа преземајќи чекори за комуникација меѓу луѓето на безбеден и корисен начин. За поздравување е одржувањето на часови, предавања, јога, дебати преку конференциска врска.
Поделеноста во екот на пандемијата дојде уште повеќе до израз и секоја држава беше оставена сама да се справува со кризата предизвикана од корона вирусот. Солидарноста изостана дури и во високоразвиените и цивилизирани заедници а најдобро како пример ја отсликува ситуацијата во Италија и отсуството на солидарност и реална помош од Европската унија. Процесот на глобализација во конкретната ситуација само го покажа своето лице и цел која е од исклучиво економска природа за богатење на веќе богатите поединци, а отсуство на грижа и солидарност со човештвото, затоа што лидерите предводници на глобализацијата воопшто не се ни обидоа да одржат самит на кој би биле расправани мерките и дејствијата за справување со пандемијата.
Кај луѓето првичниот шок и страв ја потенцираше себичноста и омразата кон сѐ што е туѓо, страно, поинакво. Се мразеа странците, бегалците, мигрантите, луѓето од друга вера, сексуална определба, политичка припадност, како сето тоа да има некаква врска со пандемијата. Препукувањата и спинувањата по социјалните мрежи само се засилија и продолжија по сите основи – партиски, национални, верски како ништо да не се случува околу нас.
Не е ни чудо што природата нѐ избрка и затвори во нашите домови и умови, закрепнувајќи од нашето дивјаштво и примитивизам, но давајќи ни шанса да размислиме во самотија и тишина за себе и светот околу нас. Се надевам дека ќе ги согледаме своите слабости и ќе извлечеме поуки и дека еден ден кога сево ова ќе помине ќе живееме едни со други во хармонија и братство, а не едни до други во завист и омраза.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)