„Пајак-службата“ на град Скопје со речиси 12 отсто поголем приход во 2018 година

На денешната седница на Советот на Град Скопје се разгледуваа предлог-одлуките за давање согласност на годишните сметки на јавните претпријатија во
надлежност на Градот. Општиот заклучок е дека јавните претпријатија бележат позитивни резултати во управувањето со финансиските средства.
Јавното претпријатие „Градски паркинг Скопје“ бележи позитивни резултати во финансиското работење во 2018 година. Билансот на успех во годишниот
извештај на ова претпријатие покажува дека приходите од јавни паркиралишта во 2018 година пораснале за 8,63 отсто во однос на претходната година. Со други зборови ЈП Градски паркинг во 2018 по основ приходи од јавни паркиралишта заработило 147.115.268 денари, што е за 11.686.703 денари повеќе во однос на 2017 година.
Најголем пораст во овие приходи претпријатието имало во делот на зонското паркирање, додека приходите од затворени паркиралишта и катни гаражи останале
речиси непроменети во споредба со претходната година.
ЈП „Градски паркинг“ остварило пораст на приходите и во секторот „пајак“, односно во 2018 година секторот пајак имал приходи од 25.213.459 денари, што е за 11,61 отсто повеќе во однос на претходната година.
Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ со вкупни приходи од 1.161.911.073 денари бележи незначителен пад од 1,04 отсто во однос на минатата
2017 година. Согласно со извештајот на ова претпријатие приходите од продажба на вода и услуги бележат благ пад во однос на минатата година, додека 2,67 пати се зголемени приходите од довод на вода за РЖ Услуги, 3,88 пати се зголемени приходите од услуги во странство и 2,16 пати се зголемени приходите од
наемнини.
„ЈСП Скопје“ согласно со годишната сметка бележи пораст во вкупните оперативни приходи кои на крајот на 2018 изнесувале 1.858.687.165 денари, што е
за 10,42 отсто повеќе во однос на минатата 2017 година. Постои незначителен пад на приходите од продажба на услуги и од донации и субвенции, но затоа приближно шест пати се зголемени преостанатите приходи. „ЈСП Скопје“ на крајот на годината остварил добивка од вкупно 109.074.320 денари, што е речиси двојно повеќе во однос на минатата година.
ЈП „Паркови и зеленило“ на крајот на 2018 година остварил вкупни приходи во работењето во износ од 455.650.916 денари што е за 9,08 отсто повеќе во однос на минатата 2017 година. Вкупните расходи во 2018 година се незначително зголемени во однос на минатата година и изнесуваат 455.289.348 денари.
Остварената добивка пред оданочување изнесува 379.927 денари, додека нето загубата по оданочување изнесува 5.026.716 денари.
Согласно со годишната сметка за 2018 година ЈП „Комунална хигиена“ има остварено вкупни приходи во износ од 1.196.348.618 денари што е за 0,85 отсто
помалку во однос на минатата година. Вкупните расходи на претпријатието за 2018 година изнесуваат 1.171.153.857 денари, а нето добивката по оданочување
изнесува 22.224.537 денари.
ЈП „Улици и патишта“ во 2018 година бележи вкупни приходи од 306.228.144 денари што е за 75.226.747 денари помалку во однос на 2017 година. Вкупните расходи на претпријатието за 2018 година изнесуваат 268.816.728 денари, а нето добивката по оданочување изнесува 33.574.833 денари.