Блупринт групата се жали за нетранспарентност на Судскиот совет


Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост поради одлуката на Судскиот совет (ССРСМ) да ја исклучи јавноста при одлучувањето по барање за повторување на постапка по пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

„Оваа пракса претставува отстапување од принципите на транспарентност и отчетност. Иако дисциплинските постапки се затворени за јавноста со цел заштита на интегритетот на судиите, конкретното барање за повторување на постапка врз основа на пресуда од ЕСЧП има различна правна природа и претставува прашање од јавен интерес. Досегашната пракса на Советот потврдува дека ваквите барања се разгледуваат на јавни седници, без тоа да го загрози интегритетот на судијата, туку напротив – го зајакнува легитимитетот на одлуките. 
Особено имајќи предвид дека одлуките за разрешување, како и пресудата на ЕСЧП, се јавно објавени, не постојат оправдани причини јавноста да биде исклучена во оваа фаза.

Во демократско општество, транспарентноста е предуслов за доверба. Кога Судскиот совет одлучува за прашања поврзани со имплементација на пресуди на ЕСЧП без присуство на јавноста, се доведува во прашање правната сигурност и довербата во институцијата. Притоа, потсетуваме дека ваквото постапување е во спротивност со препораките на Оценската мисија на ЕУ, Комуникациската стратегија на ССРСМ и целокупните заложби за реформи и унапредување на јавната доверба во судството“, стои во реакцијата.

Блупринт групата потсетува дека доследното почитување на процедурите и принципот на јавност се клучни за градење независно и кредибилно правосудство. Поради тоа, апелира до ССРСМ да обезбеди отвореност кон јавноста и да постапува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото.