Се асфалтира крак од бул „Трета македонска бригада“


Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во градежните активности за целосна реконструкција на кракот на бул. „Трета македонска бригада“ (кај Метро).

Станува збор за проект со кој за првпат темелно се обновува овој значаен сообраќаен потег во Општина Аеродром. Делницата е во должина од 777 метри, со поставување на околу 6.000 м² нов асфалт, како и тротоари со вкупна површина од 1.500 м².

Особено е важно што за првпат се поставува и улично осветлување, кое значително ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе придонесе за подобар и посигурен сообраќај.

Оваа улица е многу фреквентна – ја користат жителите од околината, но и голем број компании што функционираат во овој дел на Аеродром.

Вредноста на овој проект изнесува 17 милиони и 908 илјади денари.

Реконструкцијата е дел од поширок проект за обнова на улици во Општина Аеродром, со вкупна должина од 5,4 километри и вредност од 138 милиони денари, средства обезбедени од македонската Влада преку Министерството за транспорт и врски.