Пад на азиските берзи, се стравува од глобална рецесија


ЕЦБ соопшти дека ќе потроши 750 милијарди евра за купување на државен долг и приватни хартии од вредност пред крајот на 2020 година и е подготвена да стори повеќе доколку е потребно

 

На азиските берзи денеска паднаа цените на акциите бидејќи инвеститорите не се подготвени да ризикуваат, со оглед на тоа што оваа недела се очекуваат покачувања на каматите од голем број централни банки, што дополнително ќе го забави и онака бавниот раст на светската економија.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, беше намален за 0,4 отсто околу 7 часот наутро, откако минатата недела потона за речиси 3 отсто. Цените на акциите во Шангај, Австралија, Хонг Конг и Јужна Кореја утринава паднаа меѓу 0,1 и 1,1 отсто. Во Јапонија, пак, нема работа поради празници.

Инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции бидејќи оваа недела треба да се состанат дури 13 централни банки во светот, а повеќето од нив се очекува да ги зголемат каматните стапки поради високата инфлација. Инвеститорите ќе бидат фокусирани на дводневната сесија на американската централна банка, која завршува на 21 септември.

Повеќето аналитичари очекуваат лидерите на ФЕД повторно да ги зголемат клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, трет пат по ред. Сепак, некои од нив веруваат дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен, пренесува Индекс.

Се очекува зголемување на каматните стапки во повеќето земји

На пазарот се шпекулира и за тоа колку каматните стапки би можеле да се зголемат во наредните месеци. Моментално каматните стапки на ФЕД се во опсег од 2,25 до 2,50 отсто, а до крајот на годината би можеле да достигнат опсег од 4 до 4,25 отсто. Следната година ФЕД би можел дополнително да ја зголеми цената на парите, доколку инфлаторните притисоци не почнат значително да се намалуваат.

Се очекува зголемување на каматните стапки од повеќето други централни банки, кои ќе одржат седници оваа недела, меѓу нив и банките на Швајцарија, Англија и Јужна Африка. Меѓу ретките исклучоци е јапонската централна банка, која најверојатно ќе ја држи монетарната политика лабава за да го поддржи економскиот раст бидејќи релативно ниската инфлација ѝ го дозволува тоа.

И кинеската централна банка утринава ја намали репо стапката за 0,10 процентни поени со цел да го стимулира кредитирањето и со тоа да ја поддржи економијата, чиј раст во последните месеци забавува. Но, ова се исклучоците што го докажуваат правилото.

„Во последните месеци се соочивме со една од најагресивните епизоди на затегнување на монетарната политика во историјата, бидејќи околу 85 отсто од централните банки во светот ги заоструваат политиките“, пишуваат аналитичарите на Банката на Америка.

На светската економија и се заканува рецесија

А тоа, се разбира, ќе го забави растот на глобалната економија, како што предупредија Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка минатата недела. За октомври ММФ најави ново намалување на проценките за растот на глобалната економија, откако веќе во јули ја намали проценката на 3,2 отсто годинава.

Некои земји ќе паднат во рецесија следната година, но се уште е рано да се каже дали ќе има глобална рецесија, соопшти ММФ.

Од Светска банка, пак, порачаа дека глобалната економија можеби оди кон рецесија, имајќи предвид дека централните банки во светот истовремено ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација.

Трите најголеми светски економии – САД, Кина и еврозоната – доживуваат нагло забавување на растот, а дури и умерен удар може да ја турне светската економија во рецесија, вели Светската банка. Нејзиниот главен економист, исто така, рече дека го загрижува можноста за стагфлација, период на бавен економски раст и висока инфлација.

Доларот стагнира, цената на нафтата порасна

А на девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошничката валути стагнира. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 109,68 поени, како и во петокот навечер.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 142,95 на 143,05 јени. Во однос на европската валута, доларот, пак, стагнира, па цената на еврото се движи околу 1,0010 долари, како и во петокот навечер.

Цените на нафтата, пак, пораснаа по минатонеделниот пад од над 1,5 отсто. Утрово цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна за 0,63 отсто, на 91,95 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,51 отсто, на 85,55 долари, пренесува Индекс.