Отровни години


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Не помина ни една недела откако една група мажиња сложно и ефикасно како никогаш досега не седнаа и не си договорија предвремени избори во април, кога ете, почнаа да се гледаат првите знаци на предизборниот хорор на кој сме жртви континуирано повеќе од една деценија. Почнуваат повторно на површина да испливуваат истите ликови кои толку долго и толку макотрпно водеа националистичка и шовинистичка пропаганда и прилично ужаснато сфаќам дека во наредните шест месеци тоа ќе стане секојдневие во нашиот медиумски простор, а следствено и на социјалните мрежи на кои сè повеќе и повеќе филтрирам и бришам во очаен обид да зачувам барем некаков привид на забава или квалитетно информирање.

Ете, една професорка деновиве излезе со бабароговско прогнозирање дека ќе бидеме федерализирани и дека во тој случај можеби ќе треба да се приклониме кон Србија, што несомнено веднаш ги раздвижи стравовите на просечниот Македонец полн со предрасуди кон Албанецот – супер за предизборна тензија која не води никаде освен кон пропаст. Не помогнаа ниту вестите за бриселските заткулисни шпекулации дека ние и другите кутрички земји од регионот ќе станеме дел од европска економска зона која на просечниот граѓанин ништо не му значи, освен дека – замислете, ќе биде во ист кош со другите сиромашки и назадни земји.

Да, сите сме повредени и поразени од шлаканицата што ја добивме од Европската Унија, а добивањето можна утешна награда е уште понавредливо: како дете што на Коледе од учтиво насмеаниот и привидно дарежлив сосед ќе добие неколку шугави костенчиња. Ги слушнавме прогнозите и застрашувањата од повторна нестабилност на Балканот, ги слушнавме и прочитавме новите црни сценарија предизвикани од „историската грешка“ на Франција и по странските, и по нашите медиуми. Благодариме, доста беше, доволно се исплашивме. Повелете, искористете ја нашата парализираност за да си протнете уште едни избори, уште една за вас партија шах во кои ние ќе ви бидеме пиончиња.

Ги немам заборавено траумите во владеењето на ВМРО: ги немам заборавено прислушувањата кои направија сите да сме параноични во сопствените домови, ги немам заборавено нарачаните конфликтчиња во кои умираа невини луѓе, ги немам заборавено сите ускратувања на нормалните човекови права, го немам заборавено злосторството „Скопје 2014“, ја немам заборавено запрепастувачката глупост, необразованост и простотилак на тогашните политичари. Но тоа не значи дека тој страв може вечно да ме бутка во надеж за некакво решение која сегашната власт – која не можам да ја пофалам дека е нешто посебно образована и стручна – постојано површно ми го ветува. Згадено ми е да ги гледам машносаните безлични ликови по билборди, згадено ми е да ги гледам истите скоцкани глави како арогантно и неуко брборат празни ветувања, а всушност очигледно е дека се или неспособни или, пак, незаинтересирани за мрдање од статус-квото, бидејќи истите тие можат во тоа статус-кво да уживаат со години, со тоа само пролонгирајќи ја агонијата на сиромашниот, изморен и веќе утепан граѓанин.

Секое доаѓање на нови предвремени избори, јасно ни е, неминовно значи едно исто: комплетна блокада и парализа на и онака едвај функционалните институции. Мислевте дека ќе добиете одговор од службениците во Министерството за култура? Преиспитајте се! Сега нема да добите одговор ни во следните шест месеци, дури не поминат изборите. А потоа нема да добиете уште шест, додека не се испазарат кој кое министерство ќе го добие и кој ќе биде распореден на кое работно место. Мислевте дека нешто ќе се смени во програмите во основните училишта, дека ќе се ревидираат учебници и дека нешто конечно ќе се подобри во наставата во училиштата, каде што од вашите деца прават послушни, немислечки роботи без никаква фантазија и љубопитност? Преиспитајте се! Сега нема да добиете промена ни во следните шест месеци, дури не поминат изборите. А потоа нема да добиете уште шест, додека не се испазарат кој кое министерство ќе го добие и кој ќе биде распореден на кое работно место. И така применете го ова за секое министерство, за секоја државна институција за која вие секој ден ‘рмбате за да ја снабдите со плата и со средства за космички патни трошоци.

Додека го пишувам ова, надвор е тивка есенска вечер, мека и свежа. Носам термо чорапи и ќе ги носам сигурно уште еден месец, оти парното што го плаќам секој месец цела година ноќе спие кога температурите паѓаат. Би сакала да отворам прозор, да ја почувствувам малку есента, ама не можам, оти Карпош 4 вечерва е отровно загаден. Така е загаден веќе цела есен, а и летово беше загаден. Зошто? Прашајте ги институциите: не знаат. Но да не очајувам. Идат избори, па нема да знаат уште најмалку една година. Отровна како и сите досега.