Откако Николоски го „умре“, Мицкоски вели: Процесот на проширување е жив!

Тиват е идеалното место Мицкоски да седне на иста маса со Радев и со европските лидери, а да не изгледа тоа како ново преговарање


epa13017524 North Macedonia's Prime Minister Hristijan Mickoski arrives at the EU-Western Balkans summit in Tivat, Montenegro, 05 June 2026. The high-level one-day summit brings together European Union (EU) leaders and their Western Balkan counterparts to discuss concrete integration measures and accelerate the region's path toward bloc membership. EPA/BORIS PEJOVIC

 

Откако вицепремиерот Александар Николоски, еден ден пред доаѓањето на Антонио Кошта во Скопје,  порача дека ЕУ нѐ лаже дека ќе има проширување, премиерот Христијан Мицкоски денес од Тиват, по средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц утврди дека – процесот бил жив, а не умрен.

Тој порача дека е исклучително задоволен од средбата што  ја остварил со германскиот канцелар пред почетокот на пленарната седница на Самитот ЕУ-Западен Балкан. На средбата, како што рече, се разговарало и за нон-пејперот на Германија и Франција со кој се промовира т.н. постепена интеграција за земјите кандидати.

„Разговаравме и на таа тема. Ние имаме свој инпут во сето тоа и свое мислење, го пренесовме. Подетално ќе разговараме сега на работниот дел од Самитот, така што, да бидеме трпеливи, сепак, ова се моменти кога практично ЕУ односно Европскиот совет јасно кажува дека процесот на проширување е жив. Она што е наша обврска како влада е тој процес го зачуваме, да напредуваме, но истовремено да не го изгубиме достоинството како што беше пример во минатите децении кога станува збор за нашите аспирации за членство во ЕУ“,изјави Мицкоски.

Премиерот повтори дека целта на Владата е да остане држава која испорачува најмногу реформи во регионот, да остане фокусирана на проширувањето, но и да го сочува националното достоинство.

„Имавме навистина конструктивна средба со канцеларот Фридрих Мерц. Многу сум задоволен од тоа што го разговаравме. Ние се знаеме и од рамки на Европската народна партија, но ова беше прв состанок помеѓу двајца премиери. Навистина сум задоволен од состанокот. Исклучително сум задоволен и од она што вчера го разговаравме со претседателот на Франција, Емануел Макрон, и со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека за време на средбите во Тиват било разговарано и за условот за спроведување на уставните измени, но дека ставот на Владата останува непроменет во однос на тоа прашање. На новинарско прашање дали земјава може да очекува придвижување во процесот, Мицкоски рече:„Процесот на проширување е жив и добро е што лидерите на ЕУ денеска ја испрааат таа порака.“

Многу е едноставно, вели Радев за уставните измени

На самитот инаку присуствува и бугарскиот лидер Румен Радев што е идеална можност да се оствари барањето на Мицкоски да седне со бугарски премиер на маса на која седат и европски лидери и да им каже што е пречка да ги оствари уставните измени. Сепак, нема никакви најави или навестувања од Тиват дека до таква средба ќе дојде, но двете средби на Мицкоски со Макрон и со Мерц асоцираат на тоа. 

Инаку, Радев од Тиват денес изјави дека Бугарија останува цврсто посветена на европската перспектива на Северна Македонија, но дека напредокот кон членство во Европската унија зависи од исполнувањето на веќе договорените услови. Според него, ставот на Бугарија е јасен и се базира на принципите што важат за сите земји-кандидатки.

„Секоја земја мора да ги исполни критериумите за пристапување од Копенхаген. Не можеме да правиме компромиси околу основните реформи – владеењето на правото и владеењето на правото, човековите права и добрососедските односи“, нагласи Радев.

Тој истакна дека Бугарија е подготвена да ги поддржи сите земји на нивниот пат кон членство во ЕУ, вклучително и Северна Македонија.

„Бугарија е подготвена да ѝ помогне на секоја земја-кандидат, особено на нашите браќа од Северна Македонија“, рече премиерот. Радев потсети дека во јули 2022 година е постигнат консензус за преговарачката рамка и дека оттогаш Софија очекува конкретни акции од Скопјe.

„Чекаме да ја исполнат преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и оттогаш чекаме да ги воведат уставните измени и да ги вклучат Бугарите во уставот. Многу е едноставно“, заклучи тој.