Рокас: Изборниот законик е добар, партиите да постигнат консензус
За заглавените измени на Изборниот законик кои се важен дел од реформскиот пакет, евроамбасадорот Михалис Рокас вели се уште има дискусија за него и дека потребен е консензус меѓу партиите. Според Рокас, законот сам по себе е добар.
-ОДИХР и ЕК дадоа позитивна оценка, но она што преостана се модалитетите. Јас разбирам дека има несогласувања кога се работи за овие модалитети, но чувствувам дека има добра волја тоа да се надмине. Парламентарната комисија за ИЗ веќе работи и се надевам дека партиите за толку важна работа ќе бидат во можност да седнат и да постигнат консензус за ова сензитивно прашање. Основите на законот и самиот закон се навистина добри, рече Рокас при промоција на нова воена опрема во касарна „Илинден“.
Измените на Изборниот законик се заглавени поради електронското гласање на дијаспората. Власта ја повика опозицијата да се согласи на конструктивна дебата наместо на парламентарна опструкција, зашто Изборниот законик е дел од реформските обврски на Македонија. СДСМ обвини за обид за изборна кражба на гласови.
За Реформската агенда, евроамбасадорот рече дека се фокусирани на 10. клучни чекори од грејс-периодот за кои рокот истече на 30 јуни. Рече оти е убеден дека поголемиот дел од работата е завршена и дека ќе имаме, како што кажа, извонредни резултати.
„Како што знаете, тие ќе бидат доставени во следните 10 дена до Европската комисија (ЕК), на последна проценка и крајната одлука се носи некаде во септември. Но, ова е навистина еден добар успех, затоа што тоа што нема да биде направено по истекот на рокот значи дека средствата ќе бидат изгубени. Но, имаме добар напредок. Јас сум сигурен дека имаме забрзување во реформите, меѓутоа во секој случај треба да ги почекаме конечните резултати и проценките на Европската комисија по летниот распуст“,
рече евроамбасадорот.
Прашан колку од тие 10 чекори од грејс-периодот се исполнети, Рокас рече дека работат тоа да бидат девет или девет и половина.
„Тоа ќе биде проценка, не можам да кажам сега, но ние работиме со цел да постигне девет, девет и половина, но во секој случај убеден сум дека ќе имаме добри резултати, но мора да разберете дека проценката всушност се прави од Европската комисија“, наведе тој.