Ќе биде или условно осудениот Димитар Димовски одговорен во Владата за доброто владеење?
Премиерот го брани Димовски велејќи дека тој бил цел на „политичка хајка“ на СЈО
Владата сама, во рамките на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, ќе одмерува дали министрите или други функционери добро и примерно владеат, откако беше укинато вицепремиерското место со таква надлежност, кое досега го држеше Арбен Фетаи. Според информациите што почнаа да се појавуваат во медиумите, наводно, таа функција треба да ја врши човекот од доверба на Мицкоски, Димитар Димовски.
Таа непотврдена вест веќе предизвика шумолења во јавноста затоа што Димовски еден од оние за кои вршеше истрага поранешното СЈО. Па дури беше осуден и условно за за злоупотреба на службена положба и овластување во случајот „Топлик“ кој се однесуваше на продажбата на државно земјиште во „Сончев град” во Сопиште.
СДСМ денеска реагираше на овие информации и праша како е можно токму Димовски да го контролира доброто владеење.
„Прво Мицкоски го постави до себе во Владата како секретар за јавни политики, сега го унпаредува.
Неговата сопруга, Ефимија Димовска, Мицкоски ја постави во Развојната банка, институција што одлучува за кредитни линии, финансирање и енергетски проекти иако има фирма која е поврзана со енергетика.
Како може лице условно осудено за злоупотреби, бизнис партнер на Мицкоски да биде задолжено за добро владеење, борба против корупцијата, судир на интереси?
Можно е со криминална организирана група на власт. Во ниту една нормална демократска и европска земја ова не е можно“, рече на прес-конференција членот на Извршниот одбор Јон Фрчкоски.
Мицкоски денеска не потврди дека Димитар Димовски ќе биде именуван за секретар за добро владеење во Владата, откако на настан во Бутел беше прашан за информациите дека токму тој ќе ја извршува оваа функција во неговиот кабинет.
„Јас никаде не кажав кој ќе биде тој што ќе го управува делот за добро владеење. Реков дека, како што ќе имаме секретар кој врши мониторинг на реализацијата на програмата на Владата, ќе имаме и секретар за добро владеење. Нема да биде истото лице“, рече Мицкоски.
Но застана во одбрана на Димовски, велејќи дека тој бил предмет на политичка хајка на СЈО.
„Димитар Димовски, како и десетици и стотици луѓе од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ кои беа дел од политичка хајка на криминалната влада на СДСМ и ДУИ, кои СЈО го користеа како политичка алатка, сум го коментирал многупати во минатото и нема да го коментирам – изјави Мицкоски.
Димовски во моментов е дел од Кабинетот на премиерот на позицијата „секретар за јавни политики, координација и следење на реализацијата на програмата на Владата“.