Мицкоски ја спушти црвената линија – би прифатил гласање по пошта за дијаспората

Премиерот е подготвен повторно да седне да разговара за тоа како да гласа дијаспората, Филипче вели дека СДСМ нема да се согласи на изборен грабеж


Христијан Мицкоски ја повика опозицијата на разговори за Изборниот законик

 

Премиерот Христијан Мицкоски  очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри, исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик за што рече дека сè уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десеттиот чекор од зададениот грејс-период.   

„Oчекувам и во овој јунски извештај да бидеме најдобри, како што бевме и во декемврискиот извештај. Мене ме радува и ме охрабрува информацијата што вчера ја пренесе еден европски медиум дека сè погласни се изјавите од страна на високи европски политичари кои ќе овозможат топ-ап (top-up), односно додавање на сумата за три земји од групата Западен Балкан, кои се понапредни во делот на испорачување на реформската агенда. Ние веќе ги дефинираме внатре помеѓу нас приоритетите и врз основа на овие приоритети, доколку бидеме ние вклучени во тие три земји, а очекуваме да бидеме вклучени, тие приоритети ќе ги презентираме“, рече Мицкоски, кој денеска беше на промоција на нова воена опрема во касарната „Илинден“.

Во однос на измените и дополнувањата на Изборниот законик, премиерот рече дека текстот е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но, според него, имало неодговорно однесување од опозицијата. Уште еднаш искажа подготвеност за разговори во делот на гласањето на дијаспората. 

„Но, ние сме подготвени, а тоа го кажав и вчера во интервју, да седнеме, повторно да разговараме во делот на гласање на дијаспората како да го подобриме тој процес, како да ја вклучиме повеќе дијаспората. Тие одлучиле дека и покрај тоа што десетици земји во светот користат електронско гласање – јас го имам комплетно разработен и естонскиот модел – ние сме подготвени повторно да седнеме и да разговараме. Да најдеме модалитет гласањето на дијаспората да биде во обем многу поголем, со што би заштедиле пари. Еве, нека биде со писма, преку пошта, како било, да најдеме форма како да го интензивираме гласањето на дијаспората. Што се однесува до сите други нивни барања, јас кажав дека ние како најголема политичка партија ќе ги прифатиме, без да дискутираме“, рече Мицкоски. 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на тоа уште еднаш одговори дека партијата нема да прифати решенија што отвораат простор за изборни манипулации и изборен грабеж.

„Ние нашите позиции, односно за Изборниот законик, јасно ги кажавме и ги образложивме.  Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето кои што тука живеат? Зошто ние тука гласачите да оставаме да бидат легитимирани со отисок на прст, а некој да гласа електронски или да гласа со писма? Зошто да не е еднакво безбеден процесот на гласање за тие што се во земјата и за тие што не се во земјата? Ние за тоа се бориме“, рече Филипче. Според него, со предложените решенија владата неоправдано ги изложува граѓаните од дијаспората на сомнежи и ризици.

„Јас би сакал да бидеме 10 од 10. Имаме време до кај 15 јули, имаме некоја недела плус да се обидеме да најдеме начин како да го надминеме ова што преку своето неодговорно однесување го прави опозицијата“, рече Мицкоски.

Што се однесува до парите, рече, досега имаме ослободување на нешто над 140 милиони, а со овие стотина што би можеле да ги очекуваме ќе дојдеме до 240. Мицкоски појасни дека една третина од нив е за ликвидност на буџетот, а другите две третини се грант или мек кредит, кој ќе почне да се исплаќа од 2032 година за проекти што се капитални инвестиции. 

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот рече дека за либерализацијата на пазарот на електрична енергија Владата усогласи одлука со АД ЕСМ, која помина на владина седница заедно со Европската комисија, дека, почнувајќи од 1 јануари 2027 година, количините што АД ЕСМ ќе ги испорачува кон универзалниот снабдувач, во случајов „ЕВН хоум“, нема да надминуваат 70 отсто.

Запрашан како ќе се користат средствата од планот за раст, тој објасни дека од она што досега е добиено, дел е префрлен во буџетот, за буџетски потреби, а другите средства стојат резервирани за капитални инвестиции, што се дел од индикативната листа што претходната влада ја усогласила со Европската комисија.

Некои од проектите што беа дел од ИПА-програмата не се реализирани, додаде тој, потенцирајќи дека тие треба да ни бидат приоритет, како што е, пречистителната станица во Тетово, во Битола, организираната депонија што требаше да се гради на истокот…

Премиерот одговори дека во текот на денот очекува до Собранието да биде испратен предлог-составот на новата Влада.