Филипче: Во ребалансот на Буџетот фалат пари за пензиите, се крати кај ранливите категории
Владата крати кај младите, социјално ранливите граѓаните и кај стопанството, но не и кај сопствениот луксуз, обвини лидерот на СДСМ
Нема раст, нема повисоки плати, има само долгови и осиромашување на граѓаните, обвини претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција критикувајќи го ребалансот на Буџетот, кој, како што додаде, води кон нови задолжувања и дополнително осиромашување на граѓаните. Според Филипче, само шест месеци по носењето на Буџетот за 2026 година, Владата со ребалансот признава дека клучните економски проекции биле промашени и притоа оцени дека тоа е доволен доказ за лошо планирање и управување со јавните финансии.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз рече дека наместо ветен економски раст и стабилизација, граѓаните добиле повисока инфлација и зголемен дефицит.
„Наместо ветена инфлација од 2,5%, граѓаните добија 4,5% инфлација. Значи двојна инфлација, што претставува дополнителен удар врз семејните буџети. Со новиот дефицит од над 110 милиони евра, се задолжуваат идните генерации. Ова е опасно и неодржливо задолжување“, потенцираше Филипче.
Според него, недостасуваат сериозни реформи и рационализација на трошоците, додека граѓаните се соочуваат со сè повисоки сметки и сè поскапа храна.
„Едноставно трошоците за живот се сè поголеми. Ребалансот не е план за развој. Ребалансот е практично признание дека оваа влада лошо ја води економијата“, рече тој.
Со ребалансот на Буџетот, како што тврди лидерот на социјалдемократите, Владата крати кај младите, социјално ранливите граѓаните и кај стопанството, но не и кај сопствениот луксуз. Според него, парите коишто се додадени за надоместоци и права од социјална заштита во износ од две милијарди денари нема да бидат доволни до крајот на годината бидејќи, според пресметките на опозициската партија, ќе фалат уште три милијарди денари за да се сервисираат сите обврски.
„Тоа значи дека оваа година ќе нема покачување на поддршката за социјално ранливите категории. Кај заштитните друштва кои вработуваат инвалиди има додадено 300 милиони денари, ама фалат уште 500 милиони денари да се покријат сите трошоци. Последната исплата е за јули 2025 година, значи овие 300 милиони денари што се додадени, ќе треба само да се исплати 2025 година, за 2026-та нема ниту денар“, рече Филипче.
Тој предупреди дека Владата нема обезбедено доволно средства ниту за редовна исплата на пензиите.
„Кај пензиите, парите што се исплаќаат од МТСП кон ПИОМ не се зголемени, а фалат 10 милијарди денари за до крај на годината. Значи, исплатата на пензиите е практично доведена во прашање“, рече Филипче.
Дополнително, претседателот на СДСМ посочи дека наместо Владата да инвестира во младите и иднината на државата, со ребалансот ги намалува средствата токму во програмите што треба да обезбедат развој во овој сектор.
„Во Програмата за млади, наместо парите да се зголемуваат, Владата ги намалува средствата за еден милион денари. Младите, науката, иновациите, дигитализацијата, зелените политики, исто како и поддршката на бизнисот, остануваат на маргините. Едноставно нема никаква поддршка“,рече тој.
Притоа, Филипче потенцираше дека со ребалансот се намалува поддршката за стопанството, кое треба да биде двигател на економскиот раст и главен извор на приходи во Буџетот.
„Бизнисот е повторно оставен на маргините. Во програмата Д-9, ‘Финансиска поддршка на инвестиции’, се намалуваат парите. Од 1,23 милијарди на 1,03 милијарди денари, значи 200 милиони денари помалку. Во програмата ‘Економски развој’, од 8 на 7,3 милијарди денари, значи 661 милион денари помалку. Нема поддршка за стопанството кое што треба да го храни и да го полни Буџетот“, рече Филипче.
Во исто време, како што нагласи тој Филипче, Владата не се откажува од сопствениот комфор и непродуктивното трошење.
„Тврдат дека штедат, а кратењето кај стоки и услуги е симболично, едвај и 0,1%“, изјави лидерот на СДСМ.
Претходно министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочовска рече дека измената на Буџетот за 2026 година не произлегува од недостиг на приходи или нарушена ликвидност туку е резултат на потребата за усогласување на буџетските проекции со новите економски услови, обезбедување дополнителни средства за законски обврски што значат редовно исплаќање на плати во сектори со раст, поголема поддршка за земјоделството, социјалната заштита и општините, како и средства за забрзување на инвестицискиот циклус. Пред пратениците на собраниската Комисија за финансирање и буџет, министерката образложи дека предложените измени и дополнувања опфаќаат прилагодување на макроекономските претпоставки и фискалните проекции, првенствено на расходната страна на Буџетот.
„ Ребалансот на Буџетот не претставува само техничка промена на бројки, зад тоа стојат политики коишто Владата ги насочува кон поддршка на економијата и граѓаните. Тој претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. Особено во услови кога светската економија се соочува со зголемена неизвесност, наша должност е навремено да реагираме, да ги препознаеме ризиците, но истовремено да ги искористиме можностите што се отвораат“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Она што е особено важно, според министерката за финансии, е дека и покрај сите надворешни предизвици, македонската економија продолжува да покажува отпорност. За тоа, како што посочи, потврда се последните макроекономски показатели дека економската активност се движи во позитивна насока и основите на економскиот раст остануваат стабилни.
Осврнувајќи се на макроекономските движења во првата половина од годинава, Димитриеска-Кочоска рече дека тие не се само статистика, туку основа врз која се темелат фискалните политики и креираните одлуки.
„ Во таа насока, анализата на извршувањето на Буџетот во првата половина од годината покажува дека јавните финансии се стабилни, приходната страна се реализира согласно очекувањата, а расходите се насочени кон исполнување на законските обврски и реализација на приоритетните развојни политики“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Министерката истакна дека со ребалансот се останува на политиката на навремена исплата на сите законски обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и приоритетно финансирање на развојните политики.
Со предложениот ребаланс на Буџетот, вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна, даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за околу два милијарди денари, додека донациите бележат пораст од околу 2,7 милијарди денари. На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари. Дополнителни средства се обезбедени за земјоделските субвенции (1,4 милијарди денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард.
Министерката посочи дека определбата за фискална дисциплина е отсликана во овие предложени измени. Со ребалансот, кај расходите за стоки и услуги се врши намалување од околу 837 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби. Од друга страна, особено значење се придава на развојната компонента и се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари или 14,5% раст во однос на иницијалниот Буџет.
„ Првпат, корекцијата на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, односно зборуваме за дефицит којшто ќе финансира развој, а ќе резултира со зголемување за 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,3 милијарди денари или на 4,1% од БДП. Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните, што ќе остане принцип на работа на оваа Влада“, потенцира Димитриеска-Кочоска.
Според Димитриеска-Кочоска, Ребалансот претставува внимателен баланс меѓу фискалната одговорност, потребата од забрзан развој и сериозен фокус на капиталните инвестиции. Тој обезбедува стабилност на јавните финансии, но истовремено создава услови за повеќе инвестиции, поголема економска активност и подобар животен стандард за граѓаните, рече министерката за финансии.
Народниот правобранител Фатон Сељами укажа дека до август имаат средства за кирии за канцелариите, поради што побара зголемување по овој основ од четири милијарди и 200 илјади денари, како и зголемување на ставката за плати за еден милион и 600 илјади денари. Забележа дека институцијата Народен правобранител не била консултирана за ребалансот на Буџетот.
