Остин: Израел уби над 25 илјади жени и деца во Газа

Израел тврди дека дел од луѓето загинале во стампедо, а дел биле убиени од израелските војници кои се почувствувале загрозени


Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека над дваесет и пет илјади жени и деца се убиени од Израел од 7 октомври. Шефот на Пентагон додаде дека Израел е способен и должен да стори повеќе за да ги заштити цивилите во енклавата.

Остин беше прашан за време на сослушувањето во американскиот Конгрес колку палестински жени и деца се убиени од израелските сили, на што тој одговори дека „бројката е над дваесет и пет илјади“.

Американскиот секретар за одбрана додаде дека повеќе од 21.000 парчиња прецизно наведувана муниција се доставени до Израел од почетокот на војната во Појасот Газа. 

Претходно, потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања и координатор за итна помош Мартин Грифитс изјави дека е „ужаснат“ од извештаите дека денеска загинале и се повредени стотици луѓе при транспорт на помош во Газа.Дури и по речиси пет месеци брутални непријателства, Газа сè уште има способност да не шокира, наведе Грифитс.

Тој додаде дека со овој напад бројот на загинати луѓе во Појасот Газа од 7 октомври надмина 30.000.

 Портпаролот на израелската армија денеска изјави дека во Газа се случиле два одделни инциденти со камионите со хуманитарна помош. Првиот бил кога возилата биле опколени од Палестинците кои чекале хуманитарна помош, а вториот кога насобраниот народ се приближиле до израелска воена позиција.

Според него, првиот инцидент се случил околу четири часот по локално време, кога приближно 30 камиони со хуманитарна помош влегле во северниот дел на Газа, а илјадници луѓе ги опколиле возилата, при што настанало стампедо, во кое загинаа и повредени се десетици луѓе, а некои биле прегазени од камионите. Додека вториот инцидент се случил кога група Палестинци се приближиле до израелската воена позиција. Војниците испукале предупредувачки истрели во воздух, а потоа пукале кон оние кои „претставувале закана и не се оддалечиле“.

Според податоци на Министерството за здравство во Појаст Газа, во инцидентот загинале најмалку 104, а повредени се 760 луѓе.